ГАЛЕРИЈА: Погледнете како изгледаат новите автобуски постојки во Скопје
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорот на ЈСП „Скопје“, Мишо Николов и градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ денеска ги промовираа новите автобуски постојки што ќе се поставуваат на повеќе локации во градот.
-На целата територија на градот ќе бидат поставени вкупно 226 автобуски постојки,а до крајот на јуни годинава ќе бидат поставени првите 50 постојки. Преостанатите ќе бидат монтирани до почетокот на 2014 година. Со реализацијата на оваа активност граѓаните ќе добијат нови, модерни и уредени автобуски стојалишта, според нивните барања и сметам дека целосно ќе бидат задоволени одредени сообраќајни стандарди. За набавката на 226-те стојалишта Градот Скопје од Буџетот ќе издвои околу 66 милиони денари, во три фискални години, истакна градоначалникот, Трајановски.
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Беличанец-Алексиќ, му се заблагодари на градоначалникот Трајановски, за укажаната чест оваа Општина да ја добие првата модерна автобуска постојка.
Новите постојки се класифицирани во две групи: Тип А – 178 постојки (со димензии 4,2 метри должина и 1,4 метри ширина) и Тип А дупла – 48 постојки (со димензии 8,4 метри должина и 1,4 метри ширина). Сите типови на стојалишта се состојат од : настрешница (носиви столбови и конструкција со покрив); застаклени површини меѓу столбовите со сигурносно калено стакло д=10мм; информативна табла со име на постојката, мапа на градот, како и возен ред на автобусите кои поминуваат на автобуската постојка; клупа за седење за три лица и канта за отпадоци.
Автобуските постојки се изработени од галванизиран нерѓосувачки челик, покриени се со лексан, застаклени се со калено стакло со дебелина од 10 милиметри, а дизајнот на информативната табла беше избран на јавен конкурс.