Груевски: Наградната игра со фискални сметки ќе му помогне на стопанството

Шефот на Владата, Никола Греувски, денеска изјави дека наградната игра со фискалните сметки граѓаните ќе ја прифатат со задоволство и дека таа многу ќе му помогне на стопанството.

- Наградната игра е добра. Таа стимулира и дава мотив затоа што плаќањето ДДВ значи сузбивање на нелегалната конкуренција и му се помага на стопанството. На некој начин се знае дека се плаќа данокот и парите одат на вистинско место. Од тие пари подоцна се финансира образованието, здравството, инфраструктурата, патиштата... Така што мислам дека граѓаните со задоволство ќе го прифатат тоа, изјави премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање по присуството на пуштањето во употреба повеќенаменско игралиште во општина Илинден.   

Тој потсети дека наградната игра за собирање фискални сметки беше воведена уште во крајот на 2001 година и во текот на 2002 и опстојуваше речиси до самиот крај додека СДСМ не дојде на власт и не ја укина:-  Значи, луѓето си добиваа станови, дуќани, автомобили, добиваа работи за домаќинството – фрижидери, шпорети... и одеднаш дојде СДСМ, го укина тоа, бидејќи не требало тоа. Тоа си даваше свои резултати. Потоа мислевме дека ќе воведат нешто ново. Еве сега зборуваат дека ќе воведеле враќање на ДДВ. Имаа шанса да воведат кога ги укинаа наградните игри, но не воведоа. Не знам како очекуваат луѓето да им веруваат дека ќе воведат сега бидејќи кога беа на власт не само што не воведоа враќање на ДДВ, туку и им ја укинаа наградата игра на луѓето, истакна премиерот Никола Груевски. 

Инаку, како што пред неколку денови информираше вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски, Владата подготви наградна игра со која ќе се зајакне фискализацијата. Се што е потребно за граѓаните да бидат дел од играта е да соберат 20 фискални од било кој износ. Граѓаните може да учествуваат неограничен број пати, а играат за вредни награди како стан и дуќан.

19.11.2013 - 15:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега