Тренчевска: Буџетот е во добра кондиција, ќе го најдеме најдоброто решение за зголемување на минималната плата
Верувам дека на денешното продолжување на социјалниот дијалог на Економско - социјалниот совет ќе го донесеме најсоодветното решение, кое ќе биде прифатено од сите социјални партнери. За нас како Влада подобрувањето на економскиот статус на работниците е врвен приоритет и минималната плата ќе биде зголемена, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во денешното интервју на ТВ 24. Министерката посочи дека е оптимист и оти ќе се изнајде најдоброто решение за работниците, работодавачите и на Владата како партнери.
„Верувам дека на Економско - социјалниот совет предлогот ќе биде прифатен од сите социјални партнери. Кога имаме конструктивен дијалог на ЕСС, секогаш доаѓаме до решение кое е најдобро за сите вклучени страни. Буџетот е во добра кондиција и секое предложено решение ќе биде поткрепено со финансии“, рече министерката Тренчевска.
Министерката Тренчевска посочи дека барањето на Сојузот на синдикатите кое го поддржуваат и другите синдикати, е реално бидејќи е согласно трошоците на живот и потрошувачката кошничка.
Синдикатите бараат 18.000 денари минимална плата или 62% од просечната плата. Организацијата на работодавачи бара донесување на минимална плата со 50% од просечната плата, Бизнис конфедерацијата на Македонија предлага обезбедување на финансиска помош за исплата на минималната плата од буџетот на РСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа