Фатени двајца крадци кои краделе автомобили и мотори низ Скопје

27-годишниот З.Ф. и 19-годишниот С.Љ. од Скопје си заработија кривични пријави бидејќи извршиле неколку тешки кражби на моторни возила.

Првото од серијата кривични дела го извршиле на 06/07 октомври минатата година во 23:45 часот кога на улицата „Стив Наумов“, спроти ресторанот „Стара куќа“ извршиле одземање на патничко моторно возило „Порше Кајен“ со скопски регистарски таблички сопственост на Д.С. со што се стекнале со противправна имотна корист од околу 6.000.000 денари. Притоа, пријавените возилото го однеле до мостот Сарај  на реката Вардар, каде го оставиле, а потоа по телефон му се јавиле на А.И. (20) од село Крушопек, скопско кому претходно му се заканиле по неговиот живот при што истиот дошол на мостот и сам го одвезол возилото во атарот на село Грчец во близина на селските гробишта каде и го оставил, а З.Ф. и С.Љ. го сокриле и сеуште не е достапно на органите на прогонот.

Потоа на 28 октомври 2012 година во времето од 09:00 до 12:30 часот., на ул. “Никола Парапунов“, спроти влезот на “Механика“, пријавените одзеле патничко моторно возило “БМВ Х-5“ со скопски регистарски таблички сопственост на С.Т. од Скопје, притоа стекнувајќи се со имотна корист од околу 4.100.000 денари. И во овој случај возилото го однеле до мостот Сарај на реката Вардар, каде го оставиле, потоа по телефон побарале од А.И. да го одвезе возилото во атарот на Грчец во близина на селските гробишта каде го оставил. Неколку дена по ова, поточно на 31 октомври З.Ф. и С.Љ. го однеле возилото на обиколница Скопје – Велес кај местото Радишани каде што возилото било забележано од вработен во фирмата на оштетениот, по што бил извршен увид и со потврда за вратени предмети било вратено на оштетениот.

На 2 ноември 2012 година околу 15:30 часот, З.Ф. и А.Љ. во село Матка извршиле тешка кражба на патничко моторно возило “Сузуки Гранд Витара“ скопски регистарски таблички сопственост на С.Х. искористувајќи го моментот кога сопственикот ја отворал гаражата за да паркира, а возилото било во погон со клучеви во бравата. Притоа во возилото имало сообраќајна дозвола за возилото, патна исправа, лична карта, возачка дозвола, штедна книшка од Тутунска банка, сите на име на пријавителот, несесер со 5.700 евра и 45.000 денари со што се  стекнале со противправна имотна корист од околу 1.500.000 денари. Како и во претходните случаи возилото го оставиле кај мостот во Сарај а А.И.. го однел во близина на селските гробишта во Грчец. Пријавените го сокриле возилото и тоа сеуште не е достапно на органите на прогонот.

Потоа на 3 спроти 4 ноември во времето од 20:00 до 07:00 час. на ул. “Дрезденска“ одземале ПМВ “Опел Астра“ со скопски регистарски таблички сопственост на К.Ќ. со што се стекнале со противправна имотна корист од околу 800.000 денари. И во овој случај постапиле исто како претходно а возилото сеуште не е достапно на органите на прогонот.

На 7 ноември околу 17:30 часот на ул. “Ѓорче Петров“ спроти аптеката „Зегин “  одземале ПМВ “Шевролет Авео“ со скопски регистаски таблички сопственост на С.М. од Скопје, притоа стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 300.000 денари. Одземењето го извршиле на тој начин што ја искористиле можноста додека паркираното возило било со клуч во бравата да влезат и да се упатат кон населбата “Ѓорче Петров 2“.

На 10 март годинава, околу 13:00 часот З.Ф. и А.Љ. на ул. “Козле“ извршиле одземање на моторцикл “Хонда-ЦБР“ сопственост на М.Б., на тој начин што дошле до гаражата на која вратата била отворена, го одзеле моторот и без да бидат забележани се упатиле кон Сарај и со помош на А.И. на ист начин како претходно го сокриле, стекнувајќи се со противправна имотна корист од 180.000 денари. Десет дена подоцна во атарот на с.Горни Грчец од страна на СВР Скопје моторцикалот е пронајден, извршена е крим. техничка обработка и со потврда  е вратен на оштетениот.

Во периодот, пак, од 14 до 16 минатиот месец во с.Љубин, поточно од гаражата сопственост на М.А. двајцата пријавени извршиле одземање на моторцикл “Сузуки ЦСР 600“, стекнувајќи се со противправна имотна корист од 500.000 денари. Како и во претходните случаи, во соработка со А.И. моторциклот го сокриле, но на 17 април од страна на оштетениот Ахметовиќ моторциклот бил пронајден во атар на с.Љубин, во непосредна близина на фудбалското игралиште.

најчитано сега