Богов: Умерен економски раст и пониска инфлација

Народната банка останува на проекцијата за раст на БДП од 2,2 проценти за годинава и негово забрзување на 3 проценти за наредната година. Во денеска објавената квартална ревизија на макроекономските проекции НБРМ прогнозира намалена инфлација од 3,2 на 2,8 проценти, повисок дефицит на  тековната сметка и умерено забрзување на кредитниот раст.

- НБРМ очекува умерен раст на економската активност во оваа и нешто подобар во наредната година, движен од повисоката инвестициска активност и очекуваното закрепнување на извозот, а во следната година дополнително зајакнат и од повисокиот позитивен ефект од личната потрошувачка, рече денеска на прес-конференција гувернерот на НБРМ Димитар Богов.

Главни двигатели на растот, според НБРМ, годинава ќе бидат извозот и инвестициите, а следната година, покрај тие два фактори, се очекува личната потрошувачка да оствари дополнителен придонес во растот. Овој раст се очекува да биде поддржан преку одредено забрзување на стапката на кредитен раст.

Според НБРМ, во 2013 година дефицитот на тековната сметка е проектиран на ниво од околу 4 проценти од БДП, додека во 2014 година, заради повисокиот увоз поврзан со новите инвестициски текови се очекува негово продлабочување на 6 проценти од БДП. Очекуваните приливи на капитал, главно врз основа на странски директни инвестиции и задолжување на државата, укажа гувернерот, ќе бидат доволни за финансирање на повисокиот дефицит и за акумулирање дополнителни девизни резерви. Во вакви услови, се проценува дека девизните резерви во целиот период на проекција ќе се задржат на адекватното ниво.

Гувернерот појасни дека податоците за движењето на домашните цени во првите три месеци од годината упатуваат на побрзо забавување на стапката на инфлација споредено со очекувањата во јануарската проекција.

Пониските почетни услови, дополнети со надолната ревизија кај увозните цени, условиле пониска стапка на инфлација во 2013 година од 2,8 проценти, а во 2014 година се очекува да изнесува 2,3 проценти на годишна основа.

НБРМ очекува умерено забрзување на кредитниот раст слично на јануарската проекција, при натамошен раст на депозитите и расположливи странски извори на финансирање. Сепак, неизвесниот глобален амбиент, согледувањата на банките за ризиците и деловните стратегии на европските банкарски групации кои се присутни и на домашниот пазар, смета НБРМ, може да се одразат врз кредитната политика на домашниот банкарски сектор преку зголемена претпазливост.

Банкарскиот систем и натаму бележи висока стапка на адекватност на капиталот, 17,1 процент на крајот на 2012 година, висока ликвидност и умерен пораст на нефункционалните пласмани на нефинансиските субјекти во износ од 11,9 проценти на крајот на февруари годинава.

Според Богов, ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио и натаму се главно од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи.

Покрај анализа на кварталниот извештај со најновите макроекономски проекции Советот на НБРМ денеска, меѓу другото, донесе одлука да ги промени условите и начинот под кои резидентите можат да вршат наплата и плаќање во ефективни странски пари во трансакциите со нерезидент.  Меѓу другото, им се овозможува на продавниците и локалите лоцирани во меѓуграничниот простор на аеродромите, односно помеѓу царинските канцеларии на влез и излез во Република Македонија, а кои немаат статус на слободни царински продавници, да вршат наплата и плаќање во ефективни странски пари. 

најчитано сега