Енергетски пасоши за објектите на јавните институции

Сите јавни институции во рок од три години ќе треба да направат енергетска контрола на објектите за да се увиди колку електрична енергија трошат, колку се енергетски (не)ефикасни. Ова е предвидено со измените на Законот за енергетика, што денеска беа поддржани од собраниската Комисија за економски прашања.

- Првпат ќе се воведува т.н. енергетски пасош. За таа цел, односно за проценка на потрошувачката на енергија во објектите на владините, јавни институции ќе се формира комисија која воедно ќе има обврска да изготвува и извештај кој точно ќе покаже каде треба да се интервенира за намалување на трошоците, на потрошувачката на енергија, рече министерот за економија Ваљон Сарачини.  

Комисијата ги поддржа и измените на Законот за стечај чија основна цел, како што рече Сарачини, е Македонија да има стабилен, ликвиден реален сектор.

- Клучните измени се во правец на подобрување на бизнис климата и условите на пазарот, особено во делот на уредувањето на обврските меѓу компаните. Речиси 8 месеци работевме на идентификација на проблемите во секторот стечај, по што е констатирана потребата од конкретни измени, истакна министерот.

Новина ќе биде и реорганизацијата на должникот пред отворањето стечајна постапка и стечајна постапка од мала вредност.