Пандев „неповратно се пензионира“ од македонската репрезентација

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев ја информирал Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) дека одлучил дефинитивно да се повлече од македонската репрезентација. 

- На 14 ноември 2014 година, Фудбалската федерација на Македонија доби допис од Горан Пандев во кој се наведува дека тој решил „неповратно да се пензионира“ од националниот тим. Како причини за ваквата одлука ги наведува заморот од континуираните натпревари и желбата да направи место за нови играчи. Едновремено, се заблагодарува што му била дадена честа да го носи нацоналниот дрес и се надева дека ќе може да соработува со ФФМ во иднина со цел да им го пренесе своето искуство на новите генерации фудбалери, соопштуваат од федерацијата на нивната официјалната веб страна.

Од ФФМ се обиделе телефонски да го исконтактираат Пандев, за да се обидат да го премислат. 

- Горан Пандев е фудбалер со извонредни квалитети. Како долгогодишен капитен на македонската фудбалска репрезентација, тој е лидер и пример за помладите репрезентативци. ФФМ сака да верува дека неговата одлука не е конечна и дека тој и понатаму ќе го носи националниот дрес, особено доколку новиот селектор, кој треба да биде избран наскоро, процени дека учеството на Пандев е неопходно за градење на нов, победнички дух, велат од ФФМ. 

Својата одлука да ја напушти репрезентацијата, Пандев ја соопшти по завршувањето на квалификацискиот циклус за СП на кој Македонија го освои последното место во групата.

23.11.2013 - 10:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега