Груевски: Самитот во Букурешт можност за економска соработка со други држави

Премиерот Никола Груевски кој е во посета на Романија, изјави дека самитот е добра прилика за разгледување на можностите за економска соработка и пример за многу држави кои се посветени на реформите.
 
- Народна Република Кина со одличните економски резултати го покрена прашањето за поблиска соработка помеѓу Кина и регионот на Централна и Источна Европа, чекор на кој Македонија гледа како одлична можност за динамизирање и зближување на регионот на повеќе нивоа.  Ваквата можност може да биде акцелератор на економската соработка и развој помеѓу регионите. Во тој контекст економски развиена Кина му треба на светот исто онолку колку што и на Кина и е потребен развитокот и економскиот прогрес на државите од светот, истакна Груевски.
 
Груевски нагласи дека Македонија е меѓу првите држави која ги искористи бенефитите од инвестицискиот фонд од 10 милијарди долари што кинеската Влада ги најави минатата година во Варшава, јави известувачот на МИА: -  Република Македонија и Народна Република Кина потпишаа Договор за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата со што се создадоа предуслови за реализација на два исклучително стратешки проекти од областа на инфраструктурата за Република Македонија, но и регионот.  Претставници на Владата на Република Македонија и кинеската компанија  Синохидро потпишаа договори за изградба на автопатските делници од Миладиновци- Штип и од Кичево-Охрид, потенцира Груевски.
 
Попладне на маргините на самитот, Груевски ќе оствари билатерални средби со кинескиот премиер и со шефовите на влади на Естонија и Полска.

26.11.2013 - 12:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега