Ивановски: ONE да го намали годишниот надомест за дигитализација за 36 проценти

Oператорот ONE да ги намали цените за годишен надомест за дигитализација за 36 проценти, побара денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество Иво Ивановски.

Тој рече дека годишната претплата на националните телевизии со намалување од 36 отсто би изнесувало 100 илјади наместо 150 илјади, а за регионалните телевизии 13.056, наместо над 20 илјади евра.

На првиот допис со барање за намалување на цената испратен пред една недела, ONE, според Ивановски, се согласила да ги намали цените за 10 отсто.

- Ние со тоа не сме задоволни и денеска предлагаме и порачуваме до ONE операторот да ја разгледаат можноста и да ги намалат цените со следниве параметри: за националните телевизии 100 илјади евра годишен надомест што значи попуст од 36 проценти, а за регионалните телевизии тоа да изнесува 13.056 евра годишен надомест. Тоа се исто така 36 проценти намалување, изјави министерот Ивановски.

Изрази надеж дека раководството на ОНЕ ќе ја разгледа оваа можност сериозно, ќе се консултира со нивниот управен одбор во Љубљана и ќе излезат со позитивен став.

- Останаа неповолни 20 дена до почетокот на дигитализација до 1 јуни. Би сакал да апелирам уште еднаш до граѓаните да го купат сетап уредот за дигитализација, бидејќи на 1 јуни 2013 аналогниот систем се исклучува и ќе се вклучи дигиталниот територијален сигнал, рече Ивановски.

Министерството ќе достави  измени  на Законот за радиодифузна дејност до Собранието со којшто се предвидува пет регионални телевизии да зрачат до Градот Скопје и скопските општини односно поделба на зоната Д1. Станува збор за две телевизии од Кавадарци, две од Велес и една од Свети Николе.

Со ова, како што истакна Ивановски, телевизиите ќе заштедат многу средства  и се исполнува нивното барање да не го покриваат градот Скопје и скопските општини со што би се создала нелојална конкуренција.

Задоволство од двете најави на министерот Ивановски на прес-конференцијата изразија претставникот на Групацијата на национални радиодифузери Иван Мирчевски и Марјан Тодоров од ТВ Кавадарци.

Мирчевски рече дека за телевизиите Канал 5, Телма, Алсат била неприфатливо високо сумата за годишен надомест која ја барала компанијата ONE и оти и тие преговараат со компанијата.  

Министерот Ивановски одговарајќи на новинарско прашање рече дека нема да се пролонгира рокот за почеток на дигитализацијата бидејќи тој е одреден со Закон и доколку евентуално не се постигне договор и дигитализацијата не почне навреме сите телевизии можат да емитуваат програма преку кабелските оператори. 

ФОТО: vmro-dpmne.org.mk

најчитано сега