Македонија и Албанија ќе ја интензивираат соработката во енергетиката

Министерот за економија, ваљон Сарачини, денеска оствари средба со министерот за енергетика и индустрија на Република Албанија, Дамјан Ѓикнури. На средбата двајцата соговорници договориле соработката меѓу двете земји да продолжи и да се интензивира.

- Изградбата на далекуводот Битола-Елбасан ќе значи многу за енергетската, но и за економската состојба во Македонија. За проектот од наша страна веќе е изработена физибилити студија и студија за животна средина. Очекуваме во наредниот период да се изработи техничка документација за што е обезбедн грант од еден милион евра од Европската банка за обнова и развој. Со ЕБОР сме во завршни преговори и за обезбедување кредит во вредност од 45 милиони евра колку што се потребни за реализација од наша страна, изјави министерот Сарачини по средбата.

Сарачини пред колегата ги презентирал новите 80 локации за изградба на мали хидроелектрани за кои има заинтересирани албански компании за инвестирање.

- Дискутиравме и за проектот Луково Поле. Не сакајќи да оставиме простор за шпекулации се одлучивме да имаме технички лица од двете страни кои ќе работат на проектот и ќе се догвараат меѓу себе за да нема нејаснотии околу сливот на водите. Тие треба точно да видат какво ќе биде влијанието на проектот за двете земји и врз база на меѓународното право да се направи одржлив проект кој ќе може да функционира, рече албанскиот министер Ѓикнури.

Соговорниците се договориле меѓу двете земји да биде потпишан и Меморандум за соработка во енергетиката.

27.11.2013 - 13:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега