Антиќ: Македонците се "лудило" - многу ми значи поддршката!

Првиот Македонец во НБА, Перо Антиќ, за МИА вели дека е задоволен од досегашното искуство со тимот Атланта Хокс и дека е презадоволен и благодарен за поддршката која ја добива од фановите.

-  Мислам дека е одлично да се отворат вратите за нашата држава. Пред се да се запознае народот тука. Никој не знаеше каде е, каква е Македонија, а сега сите се интересираат. Драго ми е за тоа. Тешко е да се навикнеш на овој начин на игра. Сепак доаѓаш од Европа. Колку и да си создал име таму, тука мораш одново да создаваш. Постепено се привикнувам, иако е тешко, но морам. Знаев и кога потпишав каде доаѓам, што ќе биде предизвик, како и што треба да се навикнам. Сега за сега сум задоволен, изјави Антиќ.

Македонскиот кошаркар признава дека особено му помага поддршката која ја добива од Македонците.

- Македонците се лудило. Секаде каде што бев сум одлично пречекан, одлично бодрен. Ви благодарам за тоа. Гледам да ги испочитувам сите колку што можам, иако според правилата на НБА нема можност многу да се останува по натпревар, бидејќи директно одиме на авион. Тешко ми е да им го објаснам тоа на навивачите, сепак ние сме балкански менталитет, а и јас сакам максимално да ги испочитувам. Се обидувам колку што можам, а им се извинувам на сите што нема да можам да им излезам во пресрет, вели Антиќ.

Во Вашингтон, Антиќ заигра во второто полувреме, во кое Атланта, која губеше во текот на скоро целиот натпревар, неколку пати му се приближи на Вашингтон и одржуваше неизвесност до самиот крај. Тренерот Мајк Буденхолзер, по натпреварот, потсети дека Вашингтон Визардс се во одлична форма.

- Има работи на кои треба да поработиме. Расположението во тимот ни е многу високо. Сепак, мораме да му оддадеме признание на Вашингтон, кои се одличен тим, изјави Буденхолзер по натпреварот.

01.12.2013 - 11:06
Фото: 
пулс24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега