Јанкулоска: Нема ништо спорно со гласачите од Пустец

Нема ништо недозволено во однос на правото на граѓаните од дијаспората да учествуваат во изборот на власта во Република Македонија, вели министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за Радио Слободна Европа, одговарајќи на прашање за гласачите од Пустец.

Јанкулоска истакнува дека граѓаните од дијаспората имаат право да учествуваат и на парламентарни избори, и на локални избори.

-Нема ништо недозволено во однос на правото на граѓаните од дијаспората да учествуваат во изборот на власта во Република Македонија. Имаат право и да учествуваат на парламентарни избори, имаат право и да учествуваат на локални избори. Дали 7000 луѓе дошле и гласале во Кичево, дали илјадници луѓе дошле и гласале во Струга или во Штип или во Центар или во Струмица или во која било друга општина, тоа е веќе прашање на избор на поединецот дали ќе го оствари своето избирачко право, вели министерката за Радио Слободна Европа.

Околу изјавата на Жерновски дека добивал бизнис понуди, Јанкулоска вели:

-Прикривањето на кривично дело е само по себе пропишано како кривично дело во Кривичниот законик. Посебна е одговорноста на јавните личности. Не е доволно и не е во ред да тврдите дека вие 100-процентно гарантирате дека некаде има обид за криминал без притоа да соработувате со институциите. Ако не ги каже јавно личностите кои му нуделе поткуп, за кои тој тврди дека му нуделе поткуп, тогаш легитимно јавноста ќе почне да се сомнева дека тој е соучесник во една таква операција или, пак, дека свесно одел со манипулација, да не речам лага, со цел да привлече внимание врз себе или, пак, да го одвлече вниманието од некои суштински прашања со кои тој треба да се занимава.

Извор: Радио Слободна Европа

најчитано сега