ВМРО-Народна партија: Владата да почне медиумска кампања за привлекување на странски инвестиции
Следејќи ги тековите околу темата за „глобалното затоплување“ како и истражувањето и заклучоците на Климатската опсерваторија на Европската унија за тоа дека месецот јули оваа година всушност претставувал најтоплиот јули откако се мери топлината во светот воопшто, ВМРО-Народна партија и предлага на Владата на Република Северна Македонија да почне медиумска кампања и да привлече странски инвестиции во земјата, соопштија од ВМРО-НП.
„Со оглед на фактот, а поткрепен со заклучок на Климатската опсерваторија на ЕУ дека месеците јуни и јули оваа година биле најтоплите месеци сиве години откако се мерат овие параметри, а притоа знаеме дека токму месеците јуни и јули во С. Македонија беа едни од подождливите и посвежите месеци годинава, предлагаме Владата на Република Северна Македонија да отпочне со медиумска кампања за привлекување на странски инвестиции и инвеститори кои целосно би ги префрлиле своите бизниси на територијата на Република Северна Македонија.
ВМРО-Народна партија смета дека не треба да се пропушти ваквата можност за искористувањето на потенцијалот во поглед на климатските промени и за нејзино препознавање како идеална држава за инвестирање во одржливи бизниси но и како второ живеалиште за многу граѓани на Северна Европа кои би ја препознавале Северна Македонија како држава со идеални климатски услови за бегство од горештини“, стои во соопштението испратено до медиумите.
„Очигледно е дека со климатските промени Северна Македонија добива идеална климатска состојба па дури и подобра од онаа што ја памтиме во изминатите сто години со очигледни помеки зими и посвежи лета“, додаваат оттаму.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа