Половина милјарда евра за капитални инвестиции за 2014

Капиталните инвестиции како најзначајна компонента во Буџетот за 2014 година се предвидени на 22.377 милиони денари и се за 11 проценти повеќе во однос на оваа година.

Ова го посочи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески образложувајќи го Предлог-буџетот за 2014 година пред пратениците во Собранието, додавајќи дека вкупните инвестиции во капитални проекти ќе бидат 525 милиони евра ако се земат предвид и предвидените инвестиции во Буџетот на ЈП за државни патишта.

- Ако се соберат двете стапки во македонската економија ќе завршат 525 милиони евра кои ќе дадат силен замаец на развојот, рече Ставрески и додаде дека во првиот квартал ќе почне изградбата на автопатот Кичево-Охрид и Штип-Свети Николе, а ќе продолжи реализација на голем број регионални патишта.

Посочи дека освен расходите за патната инфраструктура предвидени се проекти и во железничката, како што се продолжувањето на реконструкцијата на пругата на Коридорот 10, почнувањето на проектот за изградба на пругата кон Бугарија, потоа предвидени се средства за проекти во комунална и енергетска структура, како што е изградбата на националната гасоводна мрежа, потоа водоводи во скоро сите општини и слично. Во 2014 година ќе продолжи поддршката за изградба на технолошко развојни индустриски зони. Во здравството предвидени се капитални инвестиции 1,9 милијарди денари, а клучни ќе бидат изградбата на клиничките центри во Скопје и Штип и довршување на Клиничкиот центар во Тетово.

Капиталните инвестиции заедно со странските директни инвестиции и извозот од нив беа главни генератори на економскиот раст во 2013 година и оти нив ги има и во Буџетот за 2014 година врз основа на кои, како што рече вицепремиерот, може да се смета на добри економски резултати.

Потенцира дека и преку новите 100 милиони евра обезбедени од Владата од ЕИБ ќе се влијае на подобри перформанси на македонските претпријатија. Следната година проекцијата е дека растот ќе биде 3,2 проценти и оти во очекувања на подобрени услови во Европа тој може да биде и поголем.

 

16.12.2013 - 16:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега