Хилтон од денеска официјално влегува во Македонија

Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Виктор Мизо во интервјуто за Лидер ја раскажува приказната за влезот на групацијата Хилтон во нашата држава, како и за новите странски инвеститори кои се очекува да започнат со градба најдоцна до октомври.

Тој вели декахотелот Хилтон ќе биде прв хотел од ваков вид во Македонија и во регионот. Денес е потпишувањето на договорот меѓу групацијата Хилтон и македонскиот бизнисмен Ајдован Адемовски , кој се јавува во улога на инвеститор, односно тој го гради хотелот кој ќе биде Double Tree by Hilton Скопје.

-Вакви хотели нема на многу места, пред се тука е Хрватска, но ваков хотел нема ниту во Србија ниту во Албанија, иако во процес на градба е се уште во Црна Гора. Контактите со Хилтон започнаа некаде на почетокот на 2009 година. Интересно е тоа што мој школски другар, заедно студиравме на факултетот во Бостон, е претседател на групацијата за Централна и Југоисточна Европа, првобитниот контакт произлезе од него, тој побара да види кои се можностите Хилтон да влезе на нашиот пазар. Во два наврати тој ја посети Македонија, беше специфично заинтереисран и за Скопје и за Охрид, но на крај, таа комуникација која почна пред 4 години конечно се реализира во Скопје и до крај на наредната година се очекува да биде завршена градбата на хотелот, вели Мизо.

Во врска со најавените странски инвестиции кои планираат да отвараат компании во Бунарџик, Мизо вели дека оваа недела ќе има посета од три до четири компании од кои повеќето се од автомобилската индустрија, од Северна Америка и од Европа. Во секој случај, ова нема да им биде прва посета, туку трета или четврта, со која конкретно ги разгледуваат сите можности за инвестирање и се пред донесување на соодветна одлука. Во многу случаи, моментот на донесување одлука зависи од компанијата ама јас се надевам дека некои компании кои беа објавени, не со име, туку од земја или индустрија, дека и дефинитивно ќе почнат да градат до почетокот на оваа есен. Тоа не значи дека сите фабрики ќе бидат во Бунарџик или во слободните економски зони, затоа што не сите инвестиции се гринфилд, некои се и браунфилд што значи дека ќе користат постоечки објекти кои ќе се адаптираат, но важно е да тие компании дојдат, да се креираат нови работни места. На тој начин,  домашните компании не само што ќе градат, туку ќе станат и добавувачи на тие странски компании што пак од друга страна значи дека ќе се зголеми ефектот на економската додадена вредност.

 -Ангажманот на промоторите е неопходен и претставува важна алка во целиот процес на привлекување инвестиции. Тие се најистурениот дел од државните институции кои директно комуницираат со странските компании, ги презентираат можностите за инвестирање во државата, ја презентираат Македонија општо како дестинација, а истовремено се вклучени во процесот на промоција на извозот. Промотороите не се нешто што Македонија го измислила, голем дел во светот практикуваат ваков вид на ангажман, а истовремено, некои земји од соседството почнаа да го копираат овој процес кој го започна Македонија, вели Мизо за ефектот од економските промотори.

Според него, она што е многу важно е да се познава јазикот на земјата каде промоторите ќе бидат упатени. Затоа што не е важно една личност да знае англиски, туку во многу случаи бизнис јазикот на земјата е специфичен, на пример во Турција, Италија, Франција.. во таков вид на земји важен е англискиот, но во скандинавските земји со англиски јазик не е многу тешко, голем дел од компаниите и менаџерите го владеат англискиот јазик без никаков проблем.

Исто така, тој смета дека клучно е да се земат млади и енергични луѓе кои се „гладни“  да го покажат она што го знаат, врз основа на нивната едукација, претходно работно искуство но, со знаење да ја продадат Македонија. Многу е важно тие луѓе да имаат многу добри продажни способности кои можат да ја презентираат државата. Значи знаењето е важно, но важен е и начинот на кој тоа ќе го претстават.

најчитано сега