Потпишан договорот: МЖ Транспорт добива 150 нови вагони

 

Директорите на МЖ „Транспорт“ Оливер Дерковски и на словачката компанија „ЖОС Трнава“ Владимир Пор денеска во присуство на министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, потпишаа договор за набавка на нови 150 вагони со кои ќе се обнови возниот парк на МЖ Транспорт.

Со набавката во вредност од 13.208.750 евра МЖ „Транспорт“ ќе добие 75 отворени вагони и исто толку плато вагони. Отворените вагони се наменети за превоз на растресита стока како руда и јаглен, додека плато вагоните се од современ тип за превоз на контејнери, производи од метална индустрија...

Министерот Јанакиески изјави дека првата пратка од 10 вагони треба да пристигне за 40 недели од почнувањето на важноста на договорот, по што следи динамика на испорака на секои четири недели за преостанатите вагони. Испораката на сите 150 товарни вагони се очекува да заврши за 52 недели.

Генералниот директор на „ЖОС Трнава“ вети исполнување на договорот и изрази надеж за натамошна соработка.

– Гарантирам дека МЖ „Транспорт“ ќе бидат задоволни од нашите производи. Се надевам дека ќе ја продолжиме соработката и дека ќе учествуваме и на следните тендери, рече Пор.

Директорот на МЖ „Транспорт“ истакна дека набавките се прв чекор за промени во железницата по повеќедеценискиот застој во инвестирањето. Од пролет 2015 година Македонски железници ќе имаат комплетно обновен возен парк.

18.12.2013 - 12:31
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега