ИПИС најави тужби за обвинувањата на СДСМ дека анкетите им се лажни
„Институтот за Политички Истражувања од Скопје во соработка со МРТ спроведува серија на истражувања во пресрет на претседателските и парламентарни избори, по углед на соработката која ја имаат водечките светски медиуми и агенции за истражување на јавното мислење за време на изборните процеси во САД и повеќето земји на ЕУ. Оваа соработка е исклучиво врз база на договор меѓу ИПИС и продукцијата која е одговорна за овие емисии на МРТ без притоа да биде инволвирана било каква трета страна, односно друг правен субјект, организација или физичко лице“, се вели во реакцијата на ИПИС, откако денеска СДСМ обвини дека анкетите кои ги изработуваат се лажни и се објавуваат на МРТ.
„Во однос на прецизноста и методологијата на самите анкети, ИПИС со сето свое икуство и минат труд стои позади резултатите кои се објавуваат. За точноста на податоците од истражувањата на ИПИС доволно е да се направи едноставна компарација со претходните изборни циклуси или референдуми во изминатите петнаесеттина години каде јасно може да се види дека сите проекции на изборните резултати кои ги објавил ИПИС се точни, односно во рамки на дозволената маргинална грешка.
Со жалење можеме да констатираме дека дел од општествените чинители наместо да бидат корективен фактор кој ќе се бори и ќе ги сузбива лажните вести и дезинформации, тие во одредени случаи се и самите креатори или поддржувачи на истите. За изнесените невистини поврзани со ИПИС ќе се преземат сите правни средства кои ни стојат на располагање, вклучително и тужби пред надлежните судови“, се додава во нивната реакција испратена до медиумите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа