Паника меѓу пратениците на СДСМ - Заев сите ќе ги праќа во „пензија“

Пратениците на СДСМ се во паника откако лидерот Зоран Заев најавил дека ниту еден народен пертставник од овој состав нема да се најде на листите кандидати кои ќе бараат доверба за нов мандат на евентуалните предвремени парламентарни избори годинава, пишува Дневник. 
Весникот повикувајќи се на информации добиени од висок партиски функционер пишува дека атмосферата на Бихаќка зоврива откако станало јасно дека актуелната пратеничка група на СДСМ ги брои последните денови, но сепак, меѓу нив и раководството на партијата се усогласиле ставовите за да пред јавноста да не се претстави раздор во партијата.

„Дали новиот социјалдемократски состав предводен од лидерот Зоран Заев комплетно ќе ги менува актуелните пратеници од своите редови во Собранието? Ќе дојдат ли на нивно место на евентуалните предвремени парламентарни избори во 2014 година сосема нови лица од партијата на Заев, кои важат за нему поблиски и луѓе од доверба на актуелното раководство. Дилемата за елиминација е отворена по нетрпеливоста која во изминатиот период се јавува меѓу пратеничката група на СДСМ и новото партиско раководство на партијата, брифира висок извор на СДСМ, кој инсистира на анонимност поради сензитивноста на темата. Според него, актуелните пратеници важат за непослушни и блиски до експравецот по кој се движеше СДСМ пред јунскиот конгрес, но и до поранешниот лидер Бранко Црвенковски. Токму тоа, вели нашиот извор, на некој начин му пречи на високото сегашно раководство на СДСМ бидејќи директивите од „Бихаќска“ не се докрај почитувани кај опозициските пратеници за кои, како што се коментира во партијата, и не се доволно активни во моментов. По ова, впечатокот е дека во пратеничката група владее хаос, а и на „Бихаќска“ неофицијално потврдија дека се готват нови листи за сите изборни единици и оти на речиси ниеден пратеник, кој во моментов е на функција, нема да му биде дадена повторно довербата од раководството на СДСМ што дојде заедно со Заев.

Последната координација меѓу лидерот, функционерите и пратеничката група на СДСМ траела неколку часа. 

На состанокот на висок тон се дебатирало за многу теми за кои двете страни имале поделени мислења. Но, координацијата завршила со делумно усогласување на ставовите на пратениците и на високото раководство со став дека тоа мора така да се заврши заради оставање позитивна слика пред граѓаните кои ги изгласале народните избраници. Сепак, од СДСМ брифираат дека искри меѓу пратениците, од кои поголем процент се некогашни блиски соработници на Црвенковски, и сосема новото раководство што дојде со Заев, с` уште постојат. Меѓу пратениците с` погласно се зборува дека с` уште не планираат да ги поддржат во целост ставовите на Заев, но општ заклучок е оти засега останува статус кво, без можност за бојкот на наредбите од централата. Некои од пратениците, со кои вчера неофицијално разговаравме на ова тема, велат дека познат им е новитетот што доаѓа од „Бихаќска“. Во март, нагласуваат, можно е да има предвремени парламентарни избори и токму тогаш Заев ќе постави нови лица од доверба во Собранието. Други, пак, не се запознаени со ваквата најава од СДСМ, но не ја исклучуваат можноста да бидат тргнати од позицијата пратеник затоа што сегашното раководство на СДСМ, најверојатно, ги смета за струја која влече во друг правец.“ - пишува Дневник

есникот пренесува и изјава на лидерот на СДСМ дадена во претходно интервју, во која тој вели дека пратничката група и централата функционираат единствено.

„Револт кај пратениците постои единствено од начинот на кој власта се однесува кон институцијата Собрание, од постојаното уривање на дигнитетот на законодавниот дом и на достоинството на пратениците. Пратеничката група е кохерентна и настапува заеднички и координирано. Сите во партијата се гордееме на она што го постигнува пратеничката група со оглед на нарушениот демократски амбиент во целата држава“ – вели Заев за „Дневник“.

19.12.2013 - 11:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа