СДСМ: Многу сме загрижени што ЕУ не и даде датум за преговори на Македонија

СДСМ сака да изрази сериозна загриженост што и овојпат Советот на ЕУ не  додели датум на Република Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ.

Во врска со објавените заклучоци на Советот за општи работи на ЕУ и во пресрет на утрешниот Европски совет, СДСМ потсетува на последната Стратегија за проширување на Европската Унија. Во неа, за периодот 2013-2014 од 16 октомври 2013 година, се вели дека “билатералните спорови не смеат да го кочат процесот на пристапување.“

СДСМ изразува загриженост поради вчерашното обраќање на Високиот претставник на ЕУ, Кетрин Ештон во Комисијата за надворешни односи при Европскиот парламент во коешто се реферираше за напредокот на сите други држави од Западен Балкан, освен за Македонија и Босна и Херцеговина. Укажуваме дека Инструментот наречен Пристапен дијалог на високо ниво може да го надополнува процесот на пристапување, но никако и да го замени, како и дека молчењето не помага никому!

Република Македонија 8-ми пат по ред се соочи со неуспех на патот на евроинтеграциите.

Што се однесува до состојбите во земјава и тоа што зависи од Македонија – јасна е пораката дека Македонија има проблематично досие кај владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, слободата на изразувањето, високата невработеност, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор како и околу Стратегијата за ромската популација. Квалификацијата дека власта во Македонија не прави разлика меѓу државата и партијата и дека лошо се управува со јавните финансии ја враќаат Македонија 20 години назад. во 90-тите, на самите почетоци на градењето независна Македонија.

Ова се заклучоците на советите на СДСМ за Евроинтеграции, Дипломатскиот совет и Советот за безбедносни прашања и НАТО интеграции по вчерашната заедничка седница.

Потенцираме дека власта мора да ги корегира своите политики што испраќаат лоши пораки до Европската Унија. Во време на одржување на Европскиот совет, кога сите засегнати земји во Брисел лобираат, се борат, за подобри заклучоци, министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Поповски беше во Индија. Може само да се претпостави каква порака испрати тоа кај министрите за надворешни работи на државите-членки на ЕУ.

За потсетување, во 2005-тата, Македонија го доби кандидатскиот статус за ЕУ исклучиво на силната посветеност на СДСМ кон евроинтеграциите на земјата.

 

СДСМ апелира до власта на Никола Груевски во прв план да ги стави стратешките интереси на Република Македонија наместо популистичките политики што го усложнуваат проблемот што го има земјата во евро-атлантските процеси. 

(Интегрален текст од прес конференција на Лидија Димова, СДСМ)

19.12.2013 - 14:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега