Oбука за родова еднаквост и политики во Скопје

Вчера се одржа стручна обука на тема "Воведување на пристапот на еднакви можности на жените и мажите во креирањето на локалните политики".

Оваа обука ја спроведоа стручни лица од Центарот за истражување и креирање политики – ЦИКП од Скопје, во рамки на проект поддржан од Град Скопје.

 На оваа напредна обука стручните лица од Центарот за истражување и креирање политики пред повеќе членови на Советот на Град Скопје и претставници на градската администрација ги претставија концептите за родово одговорното буџетирање, родово-сензитивното креирање на политики и алатките за интеграција на родовиот концепт во креирањето политики, како и практичните начини на кои локалната самоуправа може да ја унапреди родовата еднаквост.  

 Целта на проектот е градење и зајакнување на капацитетите на локалната самоуправа, при што локалната власт ќе биде обучена и подготвена да се насочи кон промовирање на еднаквите можности помеѓу жените и мажите, како и кон елиминирање на дискриминацијата и злоставувањето врз основа на пол.

 Оваа обука е дел од бројните активности за одбележувањето на 50 годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

 Во насока на надминување на родовите разлики во општеството, во март 2012 година Градот Скопје ја донесе Стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје, изработен од страна на Центарот за истражување и креирање политики – ЦИКП од Скопје, што претставува  сеопфатен документ којштo ја изразува политиката на Градот и плановите за остварување на визијата Скопје да прерасне во родово еднаков град.

 Градот Скопје е единствената единица на локалната самоуправа во Република Македонија која има донесено ваква стратегија.

 Дополнително, Советот на Град Скопје неодамна донесе Одлука за измена во Статутот на Град Скопје, каде во рамките на Советот на Град Скопје се формира Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

21.12.2013 - 13:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега