СДСМ: Јакимовски противзаконски го донесе Буџетот на Карпош

Стевчо Јакимовски вчера го донесе Буџетот на општина Карпош противзаконски. Не ги почитуваше деловничките рокови за доставување на Буџетот и со тоа оневозможи поднесување на амандмани. Со тоа Јакимовски не го скрати само правото на советниците да ги претставуваат интересите на граѓаните. Оние кои `не избрале за да ги застапуваме нивните права. Го скрати правото на глас на граѓаните во општинскиот Совет! И тоа за важно прашање какво што е трошењето на нивните пари во Буџетот!

 Советниците на СДСМ и опозициската коалиција ја напуштија седницата кога се гласаше Буџетот. Ја информираме јавноста дека Стевчо Јакимвски и неговите советници, но исто така поддржан и од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, го донесоа Буџетот на општина Карпош  на скандалозен и нетранспарентен начин.

 Но за Јакимовски ова не беше доволно. По Буџетот, закажа Советнички прашања, вчеравечер, замислете во 21 часот. Намерата беше јасна. Да нема медиуми, да нема известување од срамот што го приреди.

 Почитувани граѓани,

Очигледно е дека Јакимовски и неговите советници, прават `се што е можно, за граѓаните и јавноста да останат неинформирани, за што ќе се трошат нивните пари.

 Општина Карпош е во тешка финансиска состојба. Општината не е во можност да ги сервисира и подмирува своите редовни обврски. Стопирани се низа на проекти, долгот постојано се зголемува, не се исплаќаат стипендиите на учениците и спортистите, не се подмирени долговите кон голем дел од членовите на избирачките одбори.

 Господине Јакимовски, напразно се обидувате да манипулирате по принципот на Вашиот ментор Никола Груевски. Ова се истите постапки и методи, што ги користи власта на Груевски, нетранспарентност, бегање од соочување, лажна отчетност.

 СДСМ порачува, дека нема да дозволи од Карпош да направите приватен имот, како што тоа го се обидува да го прави Груевски од државата. Ќе ги искористиме сите демократски средства да се спротивставиме на таквиот недемократски начин на владеење на штета на граѓаните.

(Интегрален текст од прес-конференција на Иван Спировски, член на Советничката група на СДСМ во Советот на општина Карпош)

 

 

21.12.2013 - 13:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега