Заев: Ќе се бориме за правда за Шиповиќ со сите расположливи средства

Денеска 4-рите тима на Социјалдемократскиот сојуз сме во 3 општини, Центар, Чаир и Гази Баба. Двата тима се сретнавме овде на плоштадот на главниот град и продолжуваме со агендата во Центар.

 Околу мене е раководството на СДСМ, пратениците, советниците, но ни недостасува Претседателот на нашата партиска организација во Центар, Мирослав Шиповиќ.

 Тој денеска не е овде со нас бидејќи е Претседател на советот на Општина Центар. 

Сите знаеме што се случува во оваа наша Македонија. Жално е тоа што вчера слушнавме дека притворот за Шиповиќ е продолжен, со единствена цел да биде блокирана работата на Општина Центар.

 И после извештајот на Европската унија оваа Влада продолжува  токму спротивно да ги практицира сите укажувања од страна на Европската унија нотирани јасно и гласно во извештајот. Покажува заби, дрско и арогантно практицира власт во Република Македонија.

Само да напоменам, притворот на Шиповиќ беше издаден под сомневања да не се пушти во бегство. Тој спротивно на тоа, го прекина својот престој во Америка и се врати назад.Овој пат притворот е продолжен со две мерки. Да не се пушти во бегство и да не влијае врз истрагата. Истрагата е завршена, сведоците се сослушани, тој повеќе не е претседател на управниот одбор и сите знаат дека тој нема да се пушти во бегство.

 Сакам да напоменам уште еднаш. Социјалдемократскиот сојуз ќе ги искористи сите средства кои што ни стојат на располагање да правдата дојде, и за овој случај и за сите останати кои ги има во Македонија. Зборуваме за  сите средства кои ни стојат на располагање.

Досега како што знаат и граѓаните, не продолжуваме со работата на групата за настаните од 24 декември, не гласаме за двотретинските закони во Собранието и го продолжуваме нашето неучество во ЗЕЛС. Продолжуваат и многу други мерки кои денеска ги најавуваме кои ќе бидат имплементирани во периодот што следи.

 Се е минливо и менливо. Овој срам и оваа злоба која што власта ја испраќа секојдневно во оваа наша мала Македонија на никому не му е од полза.

 Се надеваме дека ќе победи умот, паметот ќе се врати, за да можеме полека да ја вратиме и среќата и спокојот на граѓаните.Со нашата промоција ширум Македонија што ја правиме, убедени сме дека граѓаните секој ден се повеќе и повеќе ќе сфаќаат дека постои посреќна иднина за сегашните и идните генерации. 

(Интегрален текст од изјава на претседателот на СДСМ, Зоран Заев)

21.12.2013 - 16:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега