Ахмети: Во коалицијата нема да има бомбардирање со ракети „Патриот“

Не секогаш во коалицијата тече мед и млеко. Има дебати, несогласувања, разлики, но тие не се во таа големина за да се стисне копчето за да се бомбардира со ракети „Патриот“, значи бомбардирања во коалицијата нема да има, вели претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Во коалицијата има разлики, но нема проблеми, нема судири од радикална природа. Разлики има, има различни идеи за кои се дискутира, за коишто има дијалог, за да се постигнат најдобрите решенија. На пример прашањето околу законот за медиумите, ние водевме дијалог околу ова. Нашите ставови не беа исти, имаше средби тие ставови да бидат поблиски. Исто така имавме преговори и за други закони за коишто има разлики, а коишто треба да влезат во парламентарна процедура, на пример Изборниот законик. Такви се политичките партии, тоа се два организми коишто имаат свои куќи и откако ќе завршат изборите, тие треба да живеат во една заедничка куќа, да градат заедничка стратегија, заедничка платформа, за тоа како ќе ги реализираат нивните ветувања коишто ги дадоа пред електоратот кој ги изгласа. Не секогаш во коалицијата тече мед и млеко. Има дебати, несогласувања, разлики, но тие не се во таа големина за да се стисне копчето за да се бомбардира со ракети „Патриот“, значи бомбардирања во коалицијата нема да има.“, вели Ахмети.

Тој говори за последниот предлог на медијаторот Нимиц оценувајќи дека сега е погоден момент двете страни во спорот за името да седнат очи во очи за да се види дали е можно решение. Тврди дека ДУИ со своите дипломатски активности нема за цел да ги оштети сограѓаните Македонци туку да и помогне на Македонија да се најде на заслужената агенда на светските сили. Вели дека сепак не бил оптимист пред декемврискиот Самит на ЕУ.

„Јас не сум за тоа да се бараат виновниците, јас сум за тоа да се бараат решенија, мислам дека најмалку потребно во оваа ситуација е да си фрлиме еден на друг „томахавки“. Јас не бев некој оптимист дека во декември ќе добиеме датум за почнување на преговори, но максимално се залагавме ние да влеземе во агендата, со тоа што прашањето за името да се постави на маса, за да се најде решение. Да создаваме пријателска и добра клима внатре во земјата и во регионот и јас не очекувам шестиот самит на Брисел да го има истиот одговор кој што сега го доби Македонија на петтиот самит.  За мене е бесмислено петте препораки коишто се направени и одлуките за сите пет се негативни. Ова не е добро за политичките партии, не е добро ниту за граѓаните на Македонија, но најмалку е добро за Брисел, ставајќи се во таква ситуација како главен град на Европа од каде што се промовира мирот, дијалогот. Тоа што се случи меѓу Приштина и Белград е момент кој треба да се поздрави од целиот регион. Јас пак останувам на тоа дека следува сериозна активност од меѓународната заедница во насока на олеснување на разговорите меѓу грчката и македонската страна, да се постигне компромис, од двете страни со тоа што нема да задира во идентитетот на нашите сограѓани Македонци бидејќи јас се солидаризирам со чувствата на моите сограѓани Македонци, во насока на зачувувањето на идентитетот, во насока на зачувување на културните вредности на Македонците, така што тие прашања се сензитивни и потполно се согласувам да не се чепкаат. Но, сепак треба да се постигне еден компромис за доброто на државата.“, вели во интервјуто лидерот на ДУИ.

Во однос на претседателските избори ДУИ сеуште нема дефинирано свој кандидат но смета дека кандидатот кој тие ќе го поддржат треба да ги застапува и Албанците. Ахмети вели дека актуелниот претседател Иванов не го правел тоа.

„Мислам дека оваа тема треба внимателно да се третира, мислам дека последните 20 години се направени неколку театарски претстави за претседателските избори. Албанците излегуваа со еден или два албански кандидати, а Македонците со два или три кандидати. Се прави една драма, особено кај Албанците, иако знаеме дека не е можно да се избере Албанец, бидејќи го нема доволниот број на гласови, знаат дека пак ќе биде избран еден кандидат Македонец. Искрено за мене сево ова е еден театар или како што вели народот, да направиш свадба ама да не ја земеш невестата, што се однесува до Албанците. Зошто да не се направат попаметни чекори, зошто да не мислиме посериозно, дали тој претседател треба да биде претседател на сите граѓани на Република Македонија? Се разбира дека треба. И јас сум подготвен да го направам првиот чекор кој бара храброст, да прифатам консензуален кандидат кој би бил прифатлив и за Албанците и за Македонците. Но тој треба да биде човек кој што ќе ги претставува и Албанците. Кажете ми кој претседател досега имал една реклама на албански јазик. Гласовите на Албанците ги сакаат, но ниту една реклама на албански јазик не направиле. Ако претседателот е претседател на сите, тогаш би требало да го почитува јазикот и на тие што го гласаат. Во кабинетот на претседателот, дали два-три сектора се раководат од Албанците, треба да се почитуваат и другите помали етнички заедници, Ромите, Турците, затоа што тој е претседател на државата и би требало да биде симболична личност. Зошто јас во моментов сум револтиран од претседателот Иванов? Од 20-те студенти кои што земаат стипендија од државата, требаше да биде само еден Албанец? Можеше да бидат тројца или четворица, со тоа што ќе се дадеше една добра порака за граѓаните. Јас не сум за делби, туку за заедништво. Значи јас сум отворен околу ова прашање и ќе зборувам отворено со сите, ќе зборувам и со албанската партија во опозиција за тоа дали да се залагаме за театарската претстава која што ја имавме досега или, пак, ќе имаме попрагматичен однос кон ова прашање, кое што ќе биде корисно и за Албанците и за Македонците. Значи дали ќе излеземе сите со свои кандидати и да направиме свадба, ама да не земеме дома невеста или, пак, со тие партии со кои ќе најдеме заеднички јазик ќе седнеме и ќе разговараме ако, нагласувам, не најдеме заеднички јазик не сакам да направам акробации само за да видат Албанците колку добро ги правам движењата во воздух како акробат“, вели Ахмети.

Ахмети отворено негира дека тој е претендет за прв човек ан државата. Велид ека неговата партија досега не ја разгледувала можноста за предвермени избори.

 

 

 

22.12.2013 - 10:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега