Сојуз на стопански комори: Идната година динамичен економски раст

Идната година ќе биде подобра на економски план, со динамичен раст кој ќе надмине 3,5 отсто, а ќе се реализираат и капиталните инвестиции кои се за 20 проценти повеќе во однос на 2013. Ова денеска го истакнаа од Сојузот на стопански комори  на Македонија.

- Изборниот процес не треба да ги нарушува економските текови на државата, како и сите учесници во економскиот сектор за да може да се остварат планираните проекции, апелираат компаниите.

Според ССК, главни двигатели на економскиот раст ќе бидат 20 отсто зголемените капитални инвестиции предвидени во Буџетот за 2014, домашните и странските директни инвестиции, мерките на Народната Банка, референтната каматна стапка од 3,25 отсто, ограничената побарувачка на благајнички записи според јасна определба на побарувачката, неделните репо-аукции,  како и ослободувањето на задолжителните резерви на банките за износот на кредитите на нето-извозниците и домашните производители на електрична енергија.

Зголемената ликвидност на банките и ослободените средства, велат, создадоа релаксација и простор за пренасочување на пласманите за зголемено кредитирање на стопанството и населението. Сето ова треба да резултира со зголемена лична потрошувачка. 

- Приватниот сектор ќе биде двигател на зголемена лична потрошувачка во 2014 година. Покрај ова, и најавеното зголемување на пензиите и платите во јавниот сектор, треба да придонесат за зголемена лична потрошувачка. Се надевам дека пазарењето, шопингот, ќе се остварува главно во Република Македонија, преку зголемена понуда на производи на македонскиот пазар, преку конкурентен модел на шопинг кампањи како и преку зголемен број на трговски центри, напоменува Калеников.

Надеж за македонскиот извоз, потенцираат компаниите, е излегувањето на Европската унија од рецесија и првпат проектираниот економски раст на ЕУ од 1,4 отсто.

30.12.2013 - 13:47
Фото: 
Влада

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега