Муртезани во Јапонија: Над 421 милиони долари развојна помош од ЈИЦА

 

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, во својство на национален координатор за странска помош, денеска во Осака, Јапонија, оствари билатерална средба со претставници на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA), г-дин Кеи Тојама, генерален директор на Одделот за Блискиот Исток и Европа и со г-а Ери Накамура, директорка на Одделението за Европа.
 
На средбата беше потврдена исклучително плодната и долготрајна соработка меѓу Северна Македонија и Јапонија во областа на билатералната развојна помош, која досега изнесува над 421 милиони американски долари. Министерот Муртезани изрази искрена благодарност за континуираната поддршка од Јапонија, особено преку Официјалната развојна помош (ODA), која обезбеди значајни средства за проекти во повеќе сектори, како што се здравство, животна средина и во приватниот сектор, како и програмите за развој на човечки ресурси и проектите на локално ниво преку Grassroots Grant Projects (GGP), чиј годишен буџет значително се зголеми по 2018 година.
 
Меѓу успешно реализираните иницијативи беа издвоени проектот за примена на решенија базирани на екосистеми за намалување на ризиците од природни катастрофи, како и програмата за менторирање на мали и средни претпријатија, кои беа оценети како примери за ефективна и одржлива соработка. Муртезани ја нагласи стратешката важност на неодамна ратификуваниот Договор за техничка соработка со Јапонија, кој стапи во сила во февруари 2024 година, потенцирајќи дека истиот претставува основа за отворање на канцеларија на JICA во Скопје, значаен чекор кон унапредување на ефикасноста и координацијата во спроведувањето на заедничките проекти.
 
Во рамки на разговорите, од македонска страна беше иницирана идејата за натамошно проширување на партнерството преку унапредување на соработката во секторите на здравството и образованието, како и разгледување на можностите за обезбедување грантова поддршка за развојни иницијативи во овие области.
 
Дополнително, беше потврдено дека за фискалната 2025 година ќе бидат поддржани две нови иницијативи: продолжување на програмата за менторирање на малите и средни претпријатија и ангажирање на регионален експерт за развој на туризмот, што дополнително ќе го збогати спектарот на заеднички активности.
01.05.2025 - 10:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега