Муцунски: Двојни аршини на ДУИ-Европејци на власт, апостоли на поделба во опозиција

 

Интересно е како некои личности, кога се на власт, се прогресивни Европејци, а штом ќе дојдат во опозиција, одеднаш стануваат апостоли на дестабилизација и поделби, вели шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски на социјалната мрежа Фејсбук.

-Османи беше дел од власт во која Македонците беа малцинство – и тоа не му пречеше. Напротив, одлуки се носеа и во Владата и во Собранието без македонско мнозинство – и сè беше во ред, демократски, европски. Но денес, кога постои јасно демократско мнозинство, кога народот – независно од етничка или било каква друга припадност – избра промени, тоа (според него) станува „проблем за соживот“. За Османи, проблемот не е во моделот – проблемот е што ДУИ повеќе не е на масата. Ние, во меѓувреме, работиме да ја поправиме штетата што ја оставивте – дома и надвор. Со работа, со принципи, со почит. Не со закани и манипулации, вели Муцунски.

Според него, демократијата не е валидна само кога ДУИ е дел од власта.

-А граѓаните веќе го кажаа своето – јасно, на избори. Јас верувам во соживот, во дијалог, и во иднина изградена врз вредности, еднаквост и напредок. За разлика од него, секогаш сум работел на обединување – затоа што сакам да живееме во држава што ги поврзува луѓето, не ги дели. Во држава што гради, не руши. Современа. Самоуверена. Европска, вели Муцунски.

 

26.07.2025 - 13:59

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега