Белгиски компании заинтересирани да инвестираат во Македонија

Неколку врвни текстилни компании и еден светски бренд од хемиската индустрија од Белгија се заинтересирани за инвестирање во Македонија. 

По презентацијата што ја изврши во просториите на Текстилната федерација на Белгија, директорот Фида за МИА изјави дека белгискиот текстилен сектор е многу значаен и силен, а поради специфичноста на браншата бара нови бизнис-дестинации во Европа што ќе им овозможат полесен и побрз пристап до пазарите веќе воспоставени на „стариот континент“.

- Овие состаноци во организација на нашата Агенција, но и на македонскиот економски промотор во Белгија Крешник Бектеши, како и на Амбасадата на Република Македонија при Кралството, мислиме дека нудат добра шанса како бизнис-дестинација да ги привлечеме овие компании, пред се во прва фаза да ја посетат Македонија, а потоа и да одлучат и да инвестираат во нашата земја, рече Фида.

Фида потврдува и дека освен компании од текстилниот дел на индустријата во Белгија е можно остварување на соработка и со силни брендови од други сектори.

- Во агендата на средби во Брисел имаме уште пет други големи компании што не се од текстилниот сектор. Утринава имавме средба со претставниците на една од најголемите светски компании од областа на хемиската индустрија што се наоѓа во главниот град на Кралството, а која пројави интерес за посета и евентуална инвестиција во Македонија, рече Фида. Оваа компанија гледа да биде што поблиску лоцирана на делот на Блискиот Исток и пазарот во Турција, па по она што ние им го презентиравме тие покажаа голем интерес за инвестирање во нашата земја, истакна Фида кој не сакаше да ги открие имињата на компаниите што се блиску по Ван Хал која веќе инвестира во Македонија за производство на автобуси, да станат следните белгиски инвеститори во нашата земја.

Фида пристигна во Брисел директно по економското роуд-шоу во САД, а за тоа каде ќе замине по утрешниот крај на дводневната работна посета на Кралството Белгија рече: - Оттука продолжувам во неколку други земји од Европската унија преку т.н. роуд-шоуа што ги организираме заедно со целиот економски тим на Владата на Република Македонија до крајот на јуни. По паузата за летниот период, од септември продолжуваме со истото темпо.

најчитано сега