Попоски: Данска ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ
Македонија треба да ги почне преговорите за членство во ЕУ, е ставот на Данска што денеска на средба во Копенхаген му е пренесен на министерот за надворешни работи Никола Попоски од неговиот колега Вили Совндал.
- За Данска е јасно дека треба да се почитуваат воспоставените норми, кој исполнува критериуми треба да го добие заслуженото, а тоа е минување во следен став. Де факто за нив, доколку Комисијата одлучила дека сме способни за почеток на преговорите, треба да почнеме преговори. За тоа даваат нивна поддршка. Останува да се убеди онаа земја членка која не ни го дала тоа право, а многу е јасно дека во ЕУ е потребно 27 земји членки да се согласат околу тоа. Тоа што е јасно е дека данскиот став е оти треба да почнеме преговори, ја имаме нивната поддршка за тоа, изјави Попоски по средбата со Совндал.
- И во такви услови, сепак, стремежот да ги оствариме копенхашките критериуми помогна да ги подобриме нашите перформанси, истакна Попоски.
Попоски имаше одвоена средба и со министерот за европски прашања Николаи Вамен. Акцентот бил ставен на напредокот на Република Македонија во спроведувањето на реформите, како и на очекувањата од Јунскиот самит на Советот на ЕУ. Вамен изразил уверување дека Република Македонија ќе продолжи со реализирањето на реформите и воедно ја реафирмирал данската поддршка, политичка и техничка, за процесот на македонското интегрирање во ЕУ.
ФОТО: Сител