Кираџиите кои живеат во државни социјални станови ќе може да ги откупат

Лицата кои живеат во станови доделени од државата врз основ на ниски приходи од утре ќе можат да поднесуваат барање да ги откупат под поволни услови, а оние кои нема да го направат тоа ќе плаќаат закупнина и тоа пониска или социјална ако се дел од социјално ранлива категорија. Средствата ќе се користат за изградба на нови станбени единици со кои државата ќе го реши прашањето за домување на други категории граѓани. За ова денеска информираше министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

- Лицата корисници на овие станови можат да поднесат барање за купување на станот до АД за стопанисување со станбен и деловен простор во државна сопственост, по истекот на закупничкиот период кој не може да биде пократок од пет години. Барателот треба да е македонски државјанин, да нема долг по основ на закупнина, а тој, неговиот брачен другар и членовите на неговото заедничко домаќинство да немаат стан, куќа или куќа за одмор или деловен простор во нивна сопственост или да не се корисници на друг стан или деловен простор во државна сопственост на територијата на Република Македонија, изјави Јанакиески.

За возрасно лице барател коефициентот е 1, за секој друг возрасен 0,5, малолетно лице 0,3. Тоа значи за семејство со две деца коефициентот изнесува 2,1 кој се множи со просечната плата. Приходот во семејството не треба да биде над износот добиен со ваква пресметка. Исто така ратата не смее да изнесува повеќе од 30 проценти од вкупните примања во заедничкото домаќинство. Цената ќе се утврдува врз основа на Уредбата за методологијата за утврдување на вредноста на станот, како и методологијата за утврдување на висината на закупнината, донесена од страна на Владата на Република Македонија, а ќе варира во зависност од повеќе фактори како градот, локацијата, местоположбара и ќе се движи во рамките од 400 до 700 евра за метар квадратен.

- Лицата кои не ги исполнуваат условите за откуп на овие станови ќе продолжат да ги користат со плаќање на закупнина, чија цена зависи од висината на вкупните приходи на семејството кое живее во станот, односно доколку имаат пониски приходи од наведените во критериумите ќе плаќаат социјална закупнина од 15-20 денари по метар квадратен или пак доколку имаат повисоки приходи од наведените во критериумите ќе плаќаат закупнина од 60-85 денари по метар квадратен, во зависност од локацијата на станот, рече Јанакиески.

Инаку, на територијата на Македонија има 850 вакви станови во повеќе градови, најмногу во Скопје и Велес.

12.01.2014 - 13:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега