Кери и Ванизелос не открија детали за Македонија

Предмалку заврши средбата на америкаснкиот државен секретер Џон Кери и грчкиот министер Евангелос Венизелос. Тие двајца разговараа за интеграциите на Балканот, но по средбата не дадоа конкретни детали за разговорите за Македонија.

По средбата, Венизелос одби да одговори на прашањето за спорот за името. Тој општо рече дека Грција ги поддржува интеграциите на соседите, доколку ги исполнуваат условитe за тоа.

Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос пред средбата со американскиот државен секретар Џон Кери во Вашингтон изјави дека Грција е фактор на стабилност во регионот, како и дека излегува од кризата и почнува да личи на обична европска држава.

- Ова е голема можност за нас да дискутираме за претседавањето на Грција со ЕУ, како и можност да покажеме лица на обична европска држава која е веќе излезена од кризата. Економската е национален проблем на Грција и работиме на националната обнова по тешкото искуство на рецесијата. Но, на надворешен и безбедносен план Грција секогаш е фактор на стабилност за нашата област на Западниот Балкан и источното Средоземно Море. Со САД делиме исти вредности и соработуваме на овие прашања, изјави Венизелос пред средбата со Кери.

Државниот секретар исто така оцени дека посетата на Венизелос е  можност да се разговара за грчкото претседавање со ЕУ.

- Ќе соработуваме со Грција за време на претседавањето и на нивниот пат на економска обнова. Знаеме дека донесоа тешки одлуки дека тоа не беше лесно политички. Ќе разговараме и за нашата одлична соработка  по прашањето на борбата на тероризмот, за Балканот и други прашања за кои имаме заеднички ставови, изјави Кери, кој заедничката изјава со Венизелос пред се ја искористи да даде изјава за кризата во Украина.

Непланирано како една од главните теми на разговор на средбата се наметна бегството на грчкиот комунистички терорист Христодолус Ксирос, член на групата 17 Ноември кој за Божик побегна од затвор. Американскиот Стејт департмент остро реагираше по овој инцидент имајќи предвид дека Ксирос беше осуден за убиства на американски дипломати.

За време на посетата на Вашингтон, Венизелос ќе се сретне и со секретарот за финансии Џек Лу  кој е подолго време ангажиран во разговори со Грција за нивната тешка финансиска состојба. Во текот на вчерашниот ден откако првично беше одложена средбата на Венизелос со Кери грчкиот министер се сретна со повеќе конгресмени, членови на групата за соработка со Грција во Конгресот како што се сенаторот Роберт Менендес кој претседава со Сенатската комисија за надворешни работи и Едвард Ројс кој е претседавач на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом.

Венизелос ја посети изложбата на византиски икони и артефакти  во Националната галерија за уметност во Вашингтон, но неочекувано иако беше најавен, иако е претседвач на ЕУ не се појави на настанот кој Амбасадата на ЕУ во Вашингтон го организираше вчера за претставување на византиското наследство.

На крајот на посетата грчкиот министер ќе се сретне и со претставници на Центарот за стратегиски и меѓународни студии еден од поголемите аналитички центри во Вашингтон.

17.01.2014 - 19:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега