Средба Груевски - Ахмети на Илинденска - падна договор за предвремени избори?

Нема да биде изненадување ако интегративците на Али Ахмети се согласат со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори, ценат експертите откако ДУИ не ја отфрли можноста за договор за евентуални парламентарни избори.

Партијата на Ахмети, сепак, се помести од децидниот став дека нема потреба од двојни избори, а во партијата последниве неколку дена траат консултациите и се премерува што би се добило и што би се изгубило ако се оди на пакет избори. Според неофицијални информации, на оваа тема на средба во Владата во понеделникот разговарале и двајцата партнери во власта, Груевски и Ахмети, јавува Вечер

До крајот на овој месец, или најдоцна до почетокот на февруари, интегративците ќе одлучат дали пролетва, најверојатно во април, ќе се бира шеф на државата во пакет со парламентарни избори. Дека се разговара за предвремени вчера потврди и министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми.

"ДУИ е секогаш подготвен за избори. Меѓутоа претседателството се уште не дискутирало и не е одлучено дали ќе одиме или не. Ние се очекува деновиве да дискутираме за претседателските, но и за евентуални предвремени избори. Нашата одлука ќе биде во насока на интерес на граѓаните и државата"-изјави Адеми.

Напуштањето на децидниот став кој го имаше ДУИ дека нема потреба од предвремени избори, според експертите кои ги консултираше Вечер, најверојатно е меѓукоалициски договор.
"Предвремени парламентарни избори ќе значат потврдување на мандатот. Од друга страна пак, во тој случај Македонија скоро три години ќе биде без избори. Сепак, останува математиката да се направи внатре во коалицијата, но без разлика кога ќе бидат изборите, дали предвремени или редовни, тие само ќе го потврдат мандатот бидејќи граѓаните ја поддржуваат оваа коалиција" - вели професорот Ивица Боцевски.

Познавачите велат дека е добро да има и предвремени парламентарни избори, бидејќи според нив тие ќе го обезбедат и цензусот потребен за избор на шеф на државата. Забележуваат дека во последно време во јавноста се зголемил притисокот за предвремени избори.
"Промената на ставот кај ДУИ е политички, и е рефлексија на меѓупартиските преговори меѓу коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ" - појаснува професорот Алберт Муслиу.
Отворањето на можноста за предвремени избори ДУИ ја аргументираат со фактот дека половина година ќе биде изгубена кога станува збор за прашањето за името поради грчкото претседателство со ЕУ, како и локалните избори во Грција и изборите за Европарламентот. Освен тоа, од партијата на Ахмети потсетуваат дека ако парламентарните одат во пакет со претседателските напролет, се отвора простор идните три години да нема избори.

17.01.2014 - 23:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега