Загрижувачка е состојбата за заштитата на човековите права на балканот

Во извештајот за човековите права за 2014 година на Меѓународната организација „Хјуман Рајт Воч“  се наведува дека владите на земјите од Западниот Балкан во текот на минатата година направија многу малку за решавање на долготрајните проблеми со човековите права, а посебно загрижувачка е состојбата во Босна и Херцеговина, Косово и Србија.

Организацијата заклучила дека во земјите од Западен Балкан е остварен само ограничен напредок во поглед на утврдување на одговорноста за воените злосторства, во справувањето со дискриминацијата и кршењето на човековите права на припадниците на ромското малцинство, како и во борбата против малтретирањето и насилството врз новинарите и членовите на ЛГБТ заедницата.

Земјите од Западниот Балкан мораат повеќе да работат  на усогласување на законодавствата поврзано со човековите права со европските и со меѓународните стандарди. Босна и Херцеговина, Србија и Косово ќе мора да прекинат со сериозните форми на кршење на човековите права доколку навистина сакаат да и се приближат на Европа, изјави истражувачот на ХРВ за Балканот и Источна Европа, Лидија Гал.

Воочливо е и отсуствто на трајни решенија за проблемот со бегалците и внатрешно раселените лица, се наведува во извештајот.

 

Организацијата оценува дека во балканскиот регион се уште има недоволна заштита на припадниците на националните малцинства, особено на Ромите, кои се соочени со широко распространета дискриминација во однос на здравствената заштита, образованието и решавањето на станбените прашања, а регистрирани се и случаи на нивна деложација.

21.01.2014 - 15:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега