Врховниот суд на Хрватска потврди- Јосип Перковиќ ќе биде екстрадиран во Германија

Врховниот суд на Хрватска денеска ги отфрли жалбите на пресудата за екстрадицијата на поранешниот југословенски и хрватски разузнавач Јосип Перковиќ во Германија поднесени од неговата одбрана и од Јавното обвинителство, што значи дека Перовиќ сепак ќе биде екстрадиран.

Адвокатот на Перковиќ, Анте Нобило претходно изјави дека ако Врховниот суд ја потврди одлуката на Жупанискиот суд за екстрадирањето, тој од Уставниот суд ќе побара да воведе времена мерка за суспензија на екстрадицијата.

Германија го товари Перковиќ за негова поврзаност со убиството на хрватскиот политички емигрант Стјепан Ѓурековиќ во 1983 година по нарачка на тајните служби на поранешна Југославија.

Перковиќ беше уапсен на 1 јануари, а една недела подоцна судот одлучи да биде екстрадиран во Германија.

21.01.2014 - 17:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа