Сарачини и Кралев на промоцијата на Технолошкиот парк на УЈИЕ во Тетово

На Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово денеска во присуство на министрите за економија и за образование и наука, Ваљон Сарачини и Панче Кралев, беше промовиран Технолошкиот парк како прва ваква институција во Македонија.

Ректорот на УЈИЕ, Замир Дика информираше дека паркот е нивна инвестиција вредна околу 50 илјади евра, а целта е да послужи како бизнис инкубатор преку кој сите студенти можат да ги реализираат своите бизнис-идеи во пракса со користење на најсовремениот софтвер и хардвер со кои располага Универзитетот.

- Овој технолошки парк е фокусиран на ИКТ индустријата бидејќи тоа е во согласност со стратегиските цели на јавната политики за економски развој во државата и во регионот. Втората причина е тоа што ИКТ секторот кај нас покажува знаци на одржлив развој. Како последна причина е кадровскиот потенцијал што го нуди универзитетот во областа на компјутерските науки, компјутерското инжинерство и бизнис информатиката, рече ректорот Дика.

- Во Македонија веќе работи Комитетот за иновации во кој учествуваат и Министерството за образование, како и за економија. Овие два чинитела со помош на ОБСЕ веќе имаат изработено и Стратегија за поттикнување на иновациите што треба да се преточи преку новиот закон за иновативна дејност што веќе е во собраниска процедура, изјави министерот Кралев.

- Затоа, овој технолошки парк е инвестиција што и требаше на Македонија долго време, а тоа е само продолжение на таканареченото паметно партнерство - државни институции, реален стопански сектор и универзитетите што дава добра основа за понатамошен развој на општеството, рече Сарачини.

ФОТО: Нетпрес 

 

најчитано сега