ВМРО-ДПМНЕ: Расте скандалот - партнерот на Заев си ќарил 11 тендери и 1 милион и 600 илјади евра

ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција истакнаа дека Зоран Заев на семејната фирма на својот личен пријател и бизнис партнер на фамилијата Заеви, Горан Крстев, и обезбедил јавни набавки во вкупна вредност од над 1 милион и 600 илјади евра. Сите овие пари и биле доделени на фирмата Јавор Шпед Дооел преку 11 тендери, во време кога и Горан Крстев и таткото Симеон Крстев биле сопственици на оваа фирма.

- Горан Крстев е бизнис партнер со Вице Заев и семејството Заеви преку фирмата Сара Јавор Инженеринг, а на јавноста и е познат како еден осомничените, а потоа и аболициран за аферата Глобал, тешка 8 милиони евра. Дека и до ден денес Горан Крстев е бизнис соработник на Заеви, говори и последниот скандал за недозволената продажба на градежно земјиште по само 1 евро за метар квадратен, за кое што деновиве пишуваат и медиумите. Општина Струмица и општинските институции на фирмата Јавор Шпед Дооел и доделиле 11 јавни набавки со вкупна вредност од 101.354.456 денари. Од нив, 8 се склучени директно со Општина Струмица со која раководи токму Зоран Заев со вредност од 83.322.641 денари, додека пак останатите 3 се склучени со Јавното претпријатие Комуналец Струмица во вредност од 18.031.815 денари, велат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека Зоран Заев наместо да ја одбегнува јавноста цел еден месец, тој треба да излезе и да одговори зошто речиси секоја поголема јавна набавка во Општина Струмица ја добивале фирми од кланот Заеви и нивните бизнис ортаци, со што се стекнале со приход од неколку милиони евра.

 

- По којзнае кој пат, го повикуваме Зоран Заев конечно да излезе пред македонската јавност и да даде одговори за најголемиот тендерски скандал во политичката историја на Македонија.Очигледно, ова е добро осмислениот тендерски систем за лично и семејно богатање кој функционира во Струмица со години наназад. Ова е системот преку кој се испумпуваат огромни суми на пари, пари на граѓаните на Општина Струмица, велат од партијата.

24.01.2014 - 12:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа