Прогласена вонредна состојба на грчкиот остров Кефалонија

Прогласена е вонредна состојба на  грчкиот остров Кефалонија  по вчерашниот земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтер, во кој се оштетени делови од патната инфраструктура и повеќе стари згради.

Надлежните побараа сите училишта да бидат затворени. Како што пишуваат грчките медиуми во земјотресот биле повредени седум лица.

Земјотресот на овој остров во Јонското Море бил проследен од серија вторични потреси со интензитет од 3,5 до 4,4 степени, кои се почувствувани во многу делови на Грција.

И како што наведува весникот „Катимерини“, одронувањето на карпи предизвика затворање на некои патишта на островот, а на многу стари згради, меѓу кои и на Домот за стари и изнемоштени лица во селото Паликис, е причинета материјална штета.

Епицентарот на земјотресот се наоѓал на околу 11 километри од главниот град на островот Аргостоли и на два километра северно од градот Ликсури. И во двата града биле регистрирани материјални штети врз деловини и станбени објекти.

Грчкиот министер за внатрешни работи Јанис Михелакис пристигна со хеликоптер на островот, со цел да изврши проценка на штетите.

27.01.2014 - 10:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега