УСАИД, Маврово и Општината Маврово и Ростуша ќе ја официјализираат соработката

Утре во 12 часот, во просториите на Јавната установа Национален парк Маврово ќе се потпише Меморандум за разбирање помеѓу Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, Националниот парк Маврово и Општината Маврово и Ростуша. Меморандумот има за цел да ја формализира соработката помеѓу потписниците на полето на собирање на други шумски производи, односно лековити билки и печурки, на територијата на националниот парк Маврово, а ќе го потпишат Карл Ларкинс, Директор на Проектот за експанзија на мали бизниси, Мукрем Мехмеди, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуша и Онер Јакупоски, Директор на Националниот парк Маврово.

 Соработката меѓу потписниците ќе вклучува техничка помош од страна на Проектот за изработка на правилници со кои ќе се дефинира начинот на собирање и користење на лековитите билки и печурките, начинот на издавање дозволи за собирање, како и обучувањето на заинтересираните лица. Меморандумот исто така опфаќа отворање на 4 нови откупни центри и активности за промоција на собирањето други шумски производи како економска активност.

 Целта на соработката е да се поттикне локалниот економски развој преку организирање и регулирање на оваа област, со што ќе се отворат можности за сезонска работа за локалното население и остварување на постабилни приходи. Истовремено, едукацијата за правилно собирање на билките и печурките е во функција на заштита на природата, со што ќе се обезбеди одржливост на активноста.

најчитано сега