Едвард Џозеф: Или имаат избори или се во криза - за Грција никогаш не е добро време да се реши спорот за името
По посетата на Венизелос во Вашингтон, во пресрет на посетата на американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд на Атина, во Стејт департментот не сакаат да кажат колку високо на агендата ќе котира спорот за името.
Како што јавува МИА, Џонатан Мур, директор на канцеларијата за балканските земји во Стејт департментот, вели дека САД постојано го имаат ова прашање предвид во своите билатерални односи со Грција.
- Ние имаме блиски односи со Македонија и сакаме да ја видиме во ЕУ и во НАТО. За Викторија Нуланд, што точно ќе се разговара кога ќе патува во Грција, тоа зависи од тоа како средбите ќе се одвиваат. Прашањето на Македонија секогаш е пред нас и се отвора честопати билатерално со Грција, на сите нивоа со американската Влада. Сметаме дека мора да има решение, тоа е потребно за Македонија да може да оди напред. Не сакам да најавувам за што ќе се разговара на овие средби, но тоа е постојано суштинско прашање во нашите билатерални односи, како со Грција, така и со Македонија, изјави Мур, кој не сакаше да даде повеќе детали ниту за посетата на заменикот помошник државен секретар Хојт Ји на Македонија, велејќи дека се уште немал можност да се консултира со него по посетата. Нуланд, која е во Германија за Минхенската безбедносна конференција, ќе ги посети Атина и Кипар на 2 и 4 февруари.
Таа вели дека зборувале со Грција како и со сите претседавачи на Еворопската Унија, за тоа што може да се направи за проширувањето, не само за Македонија туку и за другите земји - аспиранти.
Едвард Џозеф, поранешниот директор на Меѓународната кризна група за Македонија во времето на воениот судир во 2001 година од друга страна вели дека е неприфатливо што ова прашање сеуште е на меѓународната агенда.
- Пристапот кон проблемот е многу едноставен. За Грција, никогаш не е добро време да се реши - или имаат избори, или штотуку имале избори, или се во економска криза, или се многу силни бидејќи веќе не се во криза… Никогаш, никогаш не е добро време за нив, освен кога имаше криза во Македонија која се закануваше да му наштети на Охридскиот рамковен договор. Сите што следат знаат дека состојбата во Грција економски се уште е многу лоша, акутна, но не е толку лоша колку што беше. Самата Атина пред Тројката инсистира дека најлошото поминало и има позитивен раст. Затоа паничниот аргумент со кој бараат да не се допира ова прашање веќе не поминува. Патот напред е многу едноставен, преговарачот на Обединетите нации да подготви конечен предлог, Вашингтон да се консултира со клучните сојузници и да каже, што е многу, многу е, мораме да го решиме овој проблем. И на двете страни ќе им каже што ќе им се случи ако не го прифатат предлогот, повика Џозеф.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа