ВМРО-ДПМНЕ: Дамјановски работи исто како Заев

ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побара одговорност од кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски за тоа што со години наназад доделувал тендери на фирми на блиски лица.

- Му порачуваме на Зоран Дамјановски да не се обидува да се правда бидејќи документите потврдуваат дека тој работи исто како Зоран Заев. Документите кажуваат дека еден од сопствениците бил и Горан Стојковски, сегашен директор на ЈП Водовод Куманово. Станува збор за човек кој што е син на поранешен пратеник од СДСМ. Очигледно дека поедини фамилии во Куманово се секогаш повластени во СДСМ. Ем добиваат највисоки функции (пратеници, директори ...), ем фирмите во кои што тие биле сопственици редовно добиваат договори за јавни набавки, рече на денешната прес-конференција Борче Стамов од ВМРО-ДПМНЕ.

Обидот на Дамјановски да го затскрие овој скандал зад други имиња, рече Стамов, е провиден заради тоа што документите кои што беа до нас доставени говорат дека неговиот директор на ЈП Водовод Куманово бил сопственик на фирма која што сесрдно и често добивала тендери во Општина Куманово и нејзините локални институции.

- Документите говорат дека фирмата во која Горан Стојковски бил сопственик не само што добила 14 договри со Општина Куманово, туку добила и 6 договори со Куманово Паркинг и 1 договор со ЈП Водовод Куманово каде што Горан Стојковски денес е директор. Вкупната вредност на договорите кои што фирмата ЕлектроКуманово ги добила по пат на овие 21 набавка изнесува фантастични 50.604.708 денари. Зоран Дамјановски, градоначалникот на Куманово очигледно во својот човек Горан Стојковски си нашол експерт за се. Ем снабдувач на општината, ем снабдувач на локалните јавни претпријатија, ем експерт за директорување на ЈП Водовод Куманово,рече Стамов.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека овој модел на практикување на власта очигледно е ист и во Струмица и во Куманово.

-Градоначалниците на СДСМ наликува како да биле на ист семинар за испумпување на пари кон проверени и блиски луѓе, рече Стамов.

03.02.2014 - 14:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа