Финансиска поддршка од ГИЗ за иновативни проекти во Македонија

Министерството за локална самоуправа и Германското друштво за техничка соработка денеска го означија крајот на првата фаза од проектот „Регионален и локален економски развој“, што изминатите пет години се реализираше во Република Македонија. За новата фаза веќе се обезбедени 4,4 милиони евра, поддршка од Швајцарската влада.

- Со поддршката на ГИЗ, Министерството за локална самоуправа ги подготви Законот за рамномерен регионален развој и Стратегијата за регионален развој со тригодишен Акциски план. Планските региони ги подготвија своите програми за развој, Центрите за развој на планските региони успешно подготвуваат и имплементираат проекти за регионален развој и прекугранична соработка, рече на денешната прес-конференција министерот Тахир Хани.

Од 2009 до 2012 година, како што рече, во планските региони, исклучиво врз основа на проекти што самите ги подготвиле, од Министерството за локална самоуправа и од Бирото за регионален развој се насочени 470 милиони денари. Само за 2012 година се  одобрени  46 проекти, во вкупен износ од 19 милиони денари.

Министерот Хани нагласи дека средствата за регионален развој се распределуваат на исклучително транспарентен начин, согласно европските стандарди.

- Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој и Центрите за развој на планските региони со поддршката на ГИЗ изминатите пет години воспоставија сериозен систем кој има капацитет квалитетно да реализира и многу поголеми средства од буџетот на државата, но и средства од европските фондови, рече Хани.

Претставникот на ГИЗ, лидерот на проектот Реинхолд Бауерле изрази задоволство од отвореноста на министерот Хани за продолжување на соработката во функција на динамизирање на регионалниот и локалниот развој.

- За наредната фаза се обезбедени 4,4 милиони евра од Швајцарската влада кои ќе бидат имплементирани за поддршка на сите осум плански региони, рече Бауерле и најави дека наредниот период акцентот ќе биде ставен и на следењето и развивањето на регионалниот развој, на координацијата на национално ниво, како и на поттикнувањето на иновативни проекти во функција на развојот.

Во име на успешната соработка, ГИЗ на Министерството за локална самоуправа му подари три возила. - Клучевите симболично ја означуваат нашата успешна соработка која ќе продолжи во интерес на развојот на планските региони и на општините во Република Македонија, рече Хани.

ФОТО: Сител

најчитано сега