Ванизелос се закани: Повторно ќе ставиме вето на Македонија!

Евангелос Венизелос, лидерот на грчката социјалистичка партија ПАСОК, која е член во владејачката коалиција, најави дека Грција во јуни повторно ќе стави вето на отворањето на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија.

- Грција е најважниот и најголемиот поддржувач на европската перспектива на пјр Македонија, но, според европската политичка, институционална, историска, културна рамка за прием на нови земји членки, апсолутно е неопходно да се решат постоечките проблеми пред отворање на преговорите за членство. Ние ги прифаќаме добрите услуги на амбасадорот Нимиц и подготвени сме да разговараме во рамките на Времената спогодба меѓу двете земји. За пјр Македонија, Грција е реален пријател и реално е порта за Европската унија, изјави Венизелос на прашањето како Грција ќе се постави на Европскиот Совет кога ќе се отвори прашањето за македонското барање за прием во ЕУ.

- Ако веруваме дека е можно политичко решение, мора да постои тајност и можност за дискреција на посредникот Нимиц. Неопходно е избегнување на давање изјави и опишување на овој спор со академски термини. Јас сум оптимист, но за да се постигне решение неопходно е и Владата на премиерот Груевски да прифати дека Грција е најдобриот пат од Скопје до Брисел, бидејќи без посредништво на Грција, Скопје нема да ги оствари европските цели. Да не ги повторуваме нашите ставови, потребно е да го прифатите постоењето на грчките црвени линии по ова прашање, изјави Венизелос, кој рече дека спорот добро го познава од времето на грчкото ембарго и неговата работа во Владата на Андреас Папандреу.

Венизелос се обрати во Центарот Вудро Вилсон во Вашингтон, каде зборуваше за економската криза во Грција и во Европската унија во целина.

- Познатата европска Тројка, во која е вмешан и Меѓународниот монетарен фонд, ја заменува улогата на Европската Комисија и работи надвор од контролата на европските институции. Тројката се претвори во претставник на државите заемодавачи, кои им ги диктираат условите на сиромашните и презадолжени држави. Знаеме дека САД се главни акционери во ММФ, и имаат големо влијание во оваа институција која е базирана тука во Вашингтон. До тоа европската монетарна безбедност стана де факто трансатланско прашање, што го истакнува демократскиот дефицит и слабостите на ЕУ, изјави Венизелос.

најчитано сега