Сарачини: Владините мерки придонесоа да се подобри економијата

Министерот за економија, Ваљон Сарачини, денеска истакна дека е позитивно зголемувањето на извозот во минатата година, особено кон земјите членки на ЕУ, како и владините мерки кои придонеле не само да се амортизираат негативните ефекти од кризата, туку и да се подобри состојбата во економијата.

- Во 2013 споредено со 2012 има зголемување на извозот за 6,6 проценти, а позитивен е и податокот  што е забележано зголемување на извозот за 18,7 проценти во земјите членки на ЕУ, изјави денеска министерот.

Сарачини истакнува дека кризата полека исчезнува од земјите членки на ЕУ.

 - Над 70 проценти од нашиот извоз е наменет кон земјите на ЕУ и ова е многу  важно за нас затоа што со владините мерки коишто произлегуваат  од Стратегијата за промоција на извозот, но и со другите  мерки како евтините кредити преку Европската инвестициска банка, успеавме не само  да ги аморитизираме негативните ефекти од кризата, туку и да ја подобриме целокупната состојба во економијата. Тоа  се покажува и од резултатите од Државниот завод за статистика, посочи Сарачини.

Министерот смета дека македонските компании треба повеќе да соработуваат со компаниите од регионот и здружено да настапуваат на трети пазари. 

Инаку, вкупната трговска размена со странство минатата година изнесувала 10.866.685 илјади американски долари, од кои 4.266.861 илјади долари е извоз, а 6.599.824 илјади долари се увоз. Покриеноста на  увозот со извозот е 64,7 отсто, а трговскиот дефицит изнесува 2.332.963 илјади американски долари.

06.02.2014 - 15:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа