Отворен Центарот за полициска соработка меѓу Македонија и Албанија

Министрите за внатрешни работи на Република Македонија и Република Албанија, Гордана Јанкулоска и Фламур Нока, денеска на граничниот премин Ќафасан го пуштија во употреба заедничкиот Контакт-центар за полициска соработка меѓу полициите на двете земји.

Министерката Јанкулоска нагласи дека отворањето на заедничкиот Центар за полициска соработка е уште еден чекор кон продлабочување и подобрување на соработката на македонската и на албанската полиција. Ваквиот систем на работа, подвлече, ќе овозможи подобра координација на граничните служби бидејќи на едно место ќе можат да ги разменуваат информациите кои се релевантни за нивната работа и да ги разрешуваат спорните ситуации доколку за тоа имаат потреба.

- Со отворањето на Контакт-центарот испраќаме порака за подобрување на соработката, на протокот на патници и возила и интензивирање на комуникацијата меѓу двете држави, изјави Јанкулоска.

Таа оцени дека ваквиот систем на работа го олеснува функционирањето на полициските служби.

Според албанскиот министер Нока, отворањето на Центарот, меѓу другото, претставува и продлабочување на соработката меѓу двете министерства за внатрешни работи и држави во борбата против секаков вид криминал. Тој информира дека отворањето на Центарот се базира на Виенската конвенција за полициска соработка на земјите од Југоисточна Европа.

- Во областа на полициската соработка со Македонија сме пример во регионот. Со отворањето на Центарот ќе се зголеми и ефикасноста на полициските служби, а сето тоа во насока и на продлабочување на добрососедските односи меѓу Македонија и Албанија, изјави Нока.

Јанкулоска и Нока потпишаа и Меморандум за соработка меѓу секторите за внатрешна контрола на двете министерства, а го посетија и локалниот граничен премин Џепиште - Требеишта.

Министерката Јанкулоска истакна дека уште повисок степен на соработка со Република Албанија практично се манифестира на ГП Џепиште - Требеишта. Таа информира дека граничните служби на овој ГП функционираат на една заедничка контакт-точка за проверка на документацијата на патниците.

Од отворањето на локалниот ГП Џепиште - Требеишта од 2 мај годинава досега се регистрирани вкупно 726 патници од кои 117 се македонски, а 609 странски државјани.

Инаку, во 2011 година граничниот премин Ќафасан го поминале вкупно 835.522 патника од кои 371.487 се македонски, а 464.036 се странски државјани. Во 2012 година вкупно 885.611 патници го преминале граничниот премин Ќафасан од кои 407.275 македонски државјани и 478.336 странски. Во првото тримесечје од 2013 година на Ќафасан се регистрирани вкупно 160.260 патници од кои 68.274 се македонски, а 91.986 се странски државјани.

најчитано сега