Бесими: Амбициозна агенда за усогласување со европското законодавство

Презентирајќи ја Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, ревизија 2014, пред членовите на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања во Собранието, Фатмир Бесими, денеска истакна дека вкупно 70 отсто од планираните активности за усогласување на македонското законодавство со европското во периодот 2014 – 2016 треба да се реализираат годинава, а со оглед дека ова е прилично амбициозна агенда, мора да продолжи јакнењето на административните капацитети особено за среднорочно планирање.

- Ангажманите што ги планираме наметнуваат потреба да се работи повеќе. На крајот од годинава можеби повторно ќе се соочиме со феноменот од лани – нецелосно имплементирање на Програмата. Ова не го велам за да се оправдаме, само кажувам дека е уште еден сигнал да ги зајакнеме планските капацитети, истакна Бесими и додаде дека акцент е ставен на политиките за намалување на невработеноста, мерките за поголема конкурентност на македонската економија, јавната финансиска контрола, државниот долг.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Радмила Шекеринска во текот на расправата по Програмата оцени дека годинашната ревизија е подобра од претходната и тоа е за поздравување, но две анализи се особено загрижувачки.

- Само 26 од 68 закони се усвоени, ниту 38 отсто. Не е подобра состојбата ниту со подзаконските акти, од 200, усвоени се 90, што е помалку од 45 проценти. Овој дел на реализација става голема сенка врз Програмата, забележа Шекеринска.

Силвана Бонева потенцира дека Програмата за усвојување на правото на ЕУ јасно ја покажува волјата на ова парламентарно мнозинство за продолжување на евроинтеграцискиот процес. Не е точно, рече Бонева, тоа што го кажа Шекеринска околу усвојувањето на законите минатата година, бидејќи од вкупно 68 усвоени се 43 закони, а не 26.

- Голем процент од ветеното е реализирано во Собранието. И покрај предизвиците со кои се соочува, Македонија чекори кон ЕУ, што беше забележано и од Брисел, истакна Бонева.

Павле Трајанов од Демократскиот сојуз укажа дека претстојните претседателски избори ќе имаат влијание врз процесот на македонското евроинтегрирање, но тука, рече, се наметнува и прашањето дали паралелно ќе има и предвремени парламентарни избори.

- Чесно е политичките партии, ако имаат такви идеи, навреме да се договорат за парламентарните избори да се одржат паралелно со претседателските. Ако заговараат економска или меѓуетничка нестабилност за одржување предвремени паралелни избори само ќе ги закочат евроинтеграциските процеси, рече Трајанов.

12.02.2014 - 15:58
Фото: 
Алфа.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа