Од март минималната плата ќе изнесува 8.800 денари

Вработените кои досега земале најниска плата во земјава, за петнаесеттина дена ќе добијат покачување и ќе земаат минимална плата од 8.800 денари, информираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, откако на последната собраниска седница беше изгласан Законот за минималната плата. 

- Законот веќе стапи во сила. Тоа значи дека околу 65.000 граѓани што се вработени и работат за минимална плата, од март годинава ќе добијат зголемување на платата. Предвидовме платите да се зголемуваат во следните три години, првпат во март годинава, рече Спасов, додавајќи дека во наредните неколку години предвидено е минималната плата да достигне 10.080 денари. 

Минималната плата во март годинава ќе се покачи од сегашните 8.050 на 8.800 денари. Следната година во март минималната плата ќе изнесува 9.590 денари, а од истиот период во 2016 година работниците ќе добиваат минимална плата од 10.080 денари, објаснува Спасов.

Работодавачите, вели Спасов, ќе бидат обврзани да ја зголемат минималната плата, за што ќе следуваат ригорозни контроли за овој закон да се применува во целост без отстапки.

Во дејностите како производство на текстил, облека, кожа и кожни производи -минималната плата ќе се зголемува со соодветна динамика. За овие гранки ќе има плус две години приспособување за во 2018 година да се изедначи со другите плати.

Зголемувањето на минималната плата, вели Спасов, ќе има неколку позитивни придобивки, бидејќи, како што вели, со растењето на минималната плата ќе расте и платата на другите работници, ќе се зголемува и куповната моќ. Законот почна да се спроведува во јануари 2012 година, а висината на минималната плата тогаш се утврди на 8.050 денари месечно за полно работно време. 

- Се надевам дека во иднина платите постојано ќе растат. Порастот на трошоците за живот се околу 19 отсто ако не се земат предвид акциските стоки, како цигари и алкохол. Ако порано најниската плата била 4.000 денари, денес изнесува 8.000, а за неколку дена, или во март граѓаните ќе добијат уште 800 денари плус - додава Спасoв.

Минималната плата во соседството, е под нашето ниво

Минималната плата во Македонија изнесува 39,6, а со предвиденото зголемување во март 2016 година ќе изнесува 48 отсто од просечната плата. За споредба, во Романија минималната плата е 34,2 отсто од просечната плата, во Естонија - 33,5 отсто, во Полска - 40,1, во Шпанија - 34,7, во Словачка - 36,7 и во Србија е 33 отсто од просечната плата.

Спасов информираше и за уште еден владин проект кој предвидува вработување на 300 работно способни инвалидни лица, кои имаат долг стаж во бирото за невработени. Спасов најави дека деновиве сите што аплицирале на овој оглас ќе добијат писмено известување. 

Како што информираше Спасов, за вработување се пријавиле околу 1.800 граѓани, од кои 800 немале соодветни документи, а другите се рангирани според однапред определени критериуми. 

Огласот ги опфаќа лицата со оштетен вид, слух, со пречки во гласот, говорот и јазикот, со телесна инвалидност, со пречки во менталниот развој, со комбинирани пречки и инвалиди на трудот. 

- При изборот на кандидатите се водеше сметка за принципот за еднаква и правична застапеност на заедниците. Интересно е дека некои лица што се јавија на огласот, а имаат документација дека се инвалиди, се всушност високообразовани кадри, чиј капацитет неоспорно треба да се искористи, рече Спасов.

Извор: Дневник

13.02.2014 - 09:20
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега