Германија сака што поскоро да ја види Македонија во ЕУ

Групата пратеници од македонското Собрание и претставници на граманскиот Бундестаг и на Владата во Берлин, разговарале за деблокирањето на македонската ЕУ интеграција со примената на т.н. словенечко-хрватски модел. 

Германија ќе ја продолжи поддршката Република Македонија што поскоро да ги почне преговорите за членство со ЕУ и јасно е детектирано дека евроспетицизмот, прашањата за емигрантите и европската криза не се сојузници на процесот на проширувањето, се пораките што Берлин ги испрати до македонските парламентарци кои два дена како гости на фондацијата „Конрад Аденауер“ се јасни, јавува Дојче веле.

 Петер Вајс оценува дека  вреди да се направи обид и на Македонија да и се дозволи поинаков пат на интеграција од досегашниот: - Јас можам да си претставам почеток на една ваква иницијатива од страна на германските парламентарци. Ова, меѓутоа мора да биде поддржано и од сите други во Европска унија. Замисливо е и ќе биде потребно многу работи претходно да се договорат“, подвлекува Вајс, кој посочува дека ова би бил „невообичаен пат“. Тоа, меѓутоа не значи дека парламентарците би биле „слободни стрелци“ туку дека претставниците кои се задолжени за регионот, најпрво неформално во фракциите ќе разговараат за конкретните иницијативи, по што ќе имаат прилика за ова да дискутираат и со министерот и одговорните од сојузното МНР, вели тој.

Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за европски прашања на македонското Собрание кој ја предводеше македонската делегација во Берлин, изјави дека во Бундестагот постои група на добри познавачи и пријатели на регионот кои се расположени да ја разгледаат иницијативата за примена на словенечко-хрватскиот модел при преговорите за членство во ЕУ и за Македонија.

- Тоа значи поведување одредени иницијативи кои ќе создадат околности Македонија и Грција паралелно да разговараат и за членството во ЕУ и за разликите во името. Така тие два процеси наместо да се косат еден со друг, како што е досега, би се стимулирале со заедничка мотивација - што поскоро да се стигне до двете цели, појаснува за ДВ Милошоски.

На средбата се разговарало и за состојбите во Македонија и за претстојните избори.

Македонските пратеници Александар Спасеновски, Христина Рунчева, Сузана Салиу и Ермира Мехмети, во Берлин имале и неформална размена на мислења со бројни германски пријатели на Македонија, при што меѓу многуте информации се нашла и онаа според која следното проширување на Европската унија со која било земја членка од регионот, би се случило во 2018 или 2019 година.

- Она што ни беше посочено е дека Владата на Самарас и грчката дипломатија преземаат разни чекори Република Македонија да не ги отпочне преговорите со ЕУ до 2018. Или, доколку ги отпочне, тие да не завршат во краток рок или да бидат одолговлекувани за да не може Македонија да се приклучи кон земјите кои имаат шанси да бидат дел од наредното проширување на Унијата по 4 или 5 години, коментира Милошоски.

13.02.2014 - 10:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега