Арнаудовска:Правилникот за одмерување на санкциите не ја загрозува независноста на судијата

Ratio-то на измените на Кривичниот законик е воведување на  законски основ за Правилникот за одмерување на санкциите, а со цел за воедначување на казнената политика. Тоа е причината за донесување на  вакви Упатства за казнување во сите земји, кои имаат адверзијален систем на кривична постапка како САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд..., вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска во интервјуто за МИА.

Со оглед дека со новиот ЗКП воведовме ваков систем и ние, потребно е, вели таа, за да заживее институтот на спогодување да се воедначи казнената политика, која досега беше шаренолика и  ниска.

- Останатите  причини се, намалување на големиот диспаритет на  изречените санкции, помеѓу одделните апелациски подрачја, и дури и внатре во самите судови, редуцирање на судската дискреција, како и спречување на корупцијата, а во контекст на 4-от круг на оценка на ГРЕКО, кој на повеќе држави им наметна обврска да ја хармонизираат судската пракса, а за обвинителството, да воведат водичи и процедури за одмерување на казните, вели Арнаудовска за МИА.

Новата одредба, објаснува Арнаудовска, не го нарушува начелото на независност на судијата и слободното судиско убедување, од причина што и граѓаните не треба да трпат од разните казнени политики на одредени подрачја, а во конкретниот  случај, правилникот ќе биде усвоен од претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, значи, самата судска власт ги донесува овие правила.

- Ова е добар инструмент за заживување на проктивната улога на обвинителите во духот на новиот ЗКП, бидејќи истите ќе имаат обврска на судот да му ги пласираат сите факти и докази, врз основа на кои, судот ќе изврши градација на  олеснителните и отежнителните околности, вели таа.

Арнаудовска смета дека погрешно се толкува одлуката на Врховниот суд на САД,  Букер против САД од 2005-та година, со која,  Упатствата за казнување  не се укинуваат, туку немаат повеќе задолжителен карактер, но и таа одлука е доста контраверзна,  со оглед на начинот на кој се гласало (5 наспрема 4 гласа). Покрај тоа, додава таа, судиите во САД и покрај оваа одлука, се должни при одмерување на казната, да ги вкалкулираат, правилата од овие Упатства, инаку пресудата ќе биде преиначена.

- Без оглед што во некои кругови, многу се цитира оваа пресуда, истата е многу комплесна и всушност причината за нејзино донесување е сосема друга, а тесно поврзана со системот на порота во американскиот кривичен систем и докажувањето „над разумното сомневање“, вели Арнаудовска за МИА.

 

14.02.2014 - 09:37
Фото: 
akademik.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа