„Дневник“: И сопругата на Црвенковски во тендерот на Манчевски

И Јасна Црвенковска, сопругата на екс претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, преку фирмата „Семос мултимедиа“, е дел од тендерот за стопанисување на кумановските паркинзи, кој јавното претпријатие во надлежност на градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, му го доделило посредно на фирма на сегашниот потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски, пишува “Дневник“.

-Потписот на Црвенковска и печатот на „Семос мултимедиа“ се видливи во документот - овластување од 29 ноември 2011 година. Со документот, седум фирми го овластуваат Манчевски да аплицира на тендерот и да ги преземе сите овластувања ако го добијат тендерот. Документот го доставија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ како доказ за нивните наводи од претходните денови дека Манчевски е единственото овластено лице за кумановскиот тендер од цела група фирми, објавува  весникот.

„За потребите на јавната набавка бр.1103/2010 за воведување систем на наплата и контрола на паркирање, го овластуваме лицето Дамјан Манчевски да ги извршува сите деловни активности за и во име на групата на која било страна и на сите страни од групата на понудувачи во текот на постапката за доделување на договор за јавна набавка и во текот на извршувањето на договорот во случај да бидеме избрани за носители на набавката. Воедно, лицето го овластуваме да поднесе понуда и да ги преземе сите права и обврски во наше име и за наша сметка“, стои во овластувањето, пренесува весникот. 

Според информациите на Дневник, документот е заверен со печатите и потписите на овластени лица од седум фирми, кои подоцна конкурираат на кумановскиот тендер. Меѓу фирмите е белградската „Метропаркинг“ со потпис на извесен Жељко Танасковиќ, скопската „Метропаркинг плус“ со потпис на Дамјан Манчевски и „Семос мултимедиа“ со потпис на Црвенковска.

14.02.2014 - 11:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега