„Катимерини“ повикува на „будност“ за да се спречи евроатлантската интеграција на Македонија

Грчкиот весник „Катимерини“ и денеска пишува за Македонија. Во весникот денеска е објавена анализа во која се повикува на „будност“ поради тоа што во последно време се „забележува мобилност во врска со прашањето за името“ на Македонија.

Како што јавува МИА, во весникот стои дека „Скопје во последно време интензивно се активира со цел интеграцијата во евроатлантските институции на земјата да ја врати во центарот на вниманието“ и потсетува на писмото кое 40 американски конгресмени му го испратија на американскиот државен секретар Џон Кери, со кое се бара прием на Македонија и Црна Гора во НАТО.

- „Сигурно е дека грчките европратеници ќе продолжат со напорната работа што ја вршат во Европскиот парламент за ова прашање, каде позицијата на Атина се соочува со недоверба. Во исто време, преку Атлантикот, грчко-американската заедница ќе треба да изврши притисоци со цел да спречи можен негативен пресврт. Во овој контекст е и одлуката на лидерот на демократите во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом Елиот Енгел, пред неколку дена да го потпише заедничкото писмо во корист на интеграцијата на Скопје во НАТО, а е политичар кој со години ги поддржува грчките позиции“, пишува денеска „Катимерини“.

Весникот подвлекува дека „Тековниот период е од клучно значење во смисла дека сега почнуваат да се создаваат ставовите што ќе се донесат и приоритетите кои ќе ги промовираат земјите до самитот на НАТО. Прашањето неколку месеци нема да се најде во центарот на вниманието, но грчките дипломати во Вашингтон и големите европски метрополи се повикани да работат со време и координирано за да се спречи свршен чин на лидерскиот состанок во септември".

14.02.2014 - 13:31
Фото: 
либертас

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега