Maкедонците најмногу летувале во Македонија и во Грција

 Околу 37 проценти од Македонците што лани заминале на годишен одмор, тоа го сториле во сопствената земја, за разлика од Грците кои во рекорден број од 87 отсто си одморале на своите туристички дестинации, покажува најновото истражување на Евробарометар, пренесува МИА.

Според истражувањето, половина од македонските граѓани што лани заминале на одмор (точно 50 проценти), тоа го сториле во некоја од земјите на Европската унија.  Околу 17 проценти Македонци својот главен одмор го минале во Грција, седум проценти во Германија, шест отсто во Бугарија, пет проценти во Италија, три отсто во САД или Канада, два отсто во Словенија и Австрија, само еден процент во Хрватска и Шведска.

-И во однос на тоа која друга земја ја посетиле ланската година, повторно најмногу, седум проценти од Македонците биле во Грција, додека пет отсто во Бугарија. За тоа каде ги минале празниците, 37 проценти македонски граѓани тоа го сториле во сопствената земја, 24 проценти во Грција, 11 отсто во Бугарија и Германија, седум проценти во Италија, три отсто во Хрватска и во САД или Канада. Висок процент на Македонци (39 отсто), пак, својот одмор го минале во некоја од земјите што не се дел од ЕУ. Во однос на услугите што ги користеле на одмор, 43 Македонци се претплатиле на оброк или други услуги таму каде што биле, но не на т.н. ол-инклузив варијанта, во која уживале 22 проценти од нашите сограѓани. А, само шест проценти од македонските граѓани кои заминале на одмор се пожалиле на услугите добиени каде што престојувале, пишува МИА.

Истражувањето на Евробарометар покажало дека 55 проценти од Македонците барем една ноќ престојувале надвор од својата земја од лични или професионални причини, а 42 отсто тоа не го сториле ниту еднаш. Во однос на типот на одмор што го користеле, 51 отсто од македонските испитаници тоа го сториле за период од 4 до 13 последователни преноќувања, 40 проценти имале кус престој од максимум три ноќи, додека 28 одсто одморале повеќе од 13 ноќи. Интересно е дека 48 проценти од нашите сограѓани што заминале на годишен одмор, лани се сместиле кај роднини или пријатели, 40 отсто во хотел или изнајмен стан, а 22 проценти во сопствен втор дом.

На прашањето која била главната причина што лани заминале на одмор, 60 проценти од македонските испитаници одговориле поради сонце и плажа, но 53 отсто посочиле и заради спа, велнес и здравствен третман. 39 отсто од Македонците заминале да посетат роднини или пријатели, 42 проценти се одлучиле одморот да го минат на планина или езеро, 21 отсто патувале од културно-религиозни причини, а 19 проценти за да посетат конкретен град. Според истражувањето, 44 проценти од Македонците би се вратиле на истото место каде одморале поради воодушевеноста од изгледот и одличното време, 32 отсто заради сместувањето, 30 проценти заради културно-историските атрактивности и 35 проценти поради поволната цена.

Интересно е што Македонците се меѓу процентно најбројните и дури 46 проценти од тие што заминале на одмор, при што за дестинацијата се одлучиле од лично искуство. По препорака на пријател или колеги, 45 проценти од нашите сограѓани заминале на одмор, 27 отсто за тоа се информирале од интернет, а 14 проценти преку туристички агенции. Исто така, рекордно најмногу во цела Европа, дури 35 проценти од Македонците го избрале местото за одмор на лице место, без претходна резервација, 29 отсто преку некој што го познавале на тоа место, 22 проценти преку шалтер во туристичка агенција и 21 проценти по интернет.

Во однос на испитаниците кои не биле никаде на одмор во 2013 година, 64 отсто од Македонците не го сториле тоа поради финансиски причини, 16 проценти од лични причини, шест отсто преферирале да останат дома, а четири отсто не можеле поради работни обврски. Притоа, 17 проценти од Македонците во анкетата одговориле дека никогаш не заминале на годишен одмор, што е идентино со процентот на граѓаните на Литванија, а единствено има повеќе Романци и Унгарци (по 19 проценти) што никогаш не биле на одмор. Многу, пак, е низок процентот (17 проценти) на македонските граѓани на кои сегашната економска состојба им го пораметува планот да заминат на годишен одмор оваа година, во што рекордери се граѓаните на Австрија (75 проценти), додека најнизок процент (10 проценти) има во Грција.

Според соопштението на Евробарометар, туризмот е едно од упоришта на европската економија за време на економската криза и позитивниот тренд ќе продолжи и годинава со само 11 проценти од европејците кои не планираат да патуваат надвор од својата држава или да одат на годишен одмор.

Според истражувањето на Евробарометар, овој сектор е мотор на домашниот управуван економски раст во 2013 година, со што повеќе луѓе одлучиле да ги поминат празниците надвор од сопствената земја, но во рамките на Европската унија. Минатата година, 38 проценти од Европејците ги поминале главните одмори во друга земја на Унијата, што е за пет процентни поени повеќе во однос на 2012 година. Во исто време, само 42 отсто од луѓето го поминале нивниот одмор во својата земја, што е пак намалување за пет процентни поени во однос на пред две години. Исто така во 2013 година, само една петтина (19 отсто) од европејците, својот одмор го поминале надвор од 28-те земји на ЕУ, што претставува намалување од 2 проценти во споредба со 2012 година. Истражувањето на Евробарометар за опциите на Европејците во однос на туризмот, исто така, ги истражува и мотивите и пречките за граѓаните на Унијата да патуваат, главните дестинации, изворите на информации кои се користат за планирање на одморот, како Европејците ги планирале своите празници во 2013 година, задоволството од секторот и нивото на безбедност искусено во сместувањето и услугите.

Потпретседателот на Европската комисија Антонио Тајани, кој е и еврокомесар за индустрија и претприемништво, коментираше за преференциите на испитаниците и перспективата на истражувањето за одлуките што Европејците ги носат во однос на нивните одмори:

- Како комесар одговорен за туризам, не можам да го скријам ентузијазмот. Ставовите на Европејците кои патуваат се знак на сигурните и извонредни перформанси на туристичкиот сектор кој продолжува да биде стабилен економска водич за обновување на ЕУ. Бројките говорат сами за себе, додека преференциите и гледиштата изнесени во анкетата покажуваат како стабилните и еластични перформанси во индустријата се очекува да продолжат и во 2014 година, посочи Тајани.

Само 11 проценти од Европејците очекуваат да не одат далеку во 2014 година, поради актуелната економска ситуација. Четири од десет Европејци планираат да го поминат нивниот одмор во сопствената земја (поголем дел од луѓето во Грција, Хрватска, Италија и Бугарија). Три од десет луѓе очекуваат нивниот одмор да биде во ЕУ, а повеќе од четири од десет лица се со намера да имаат барем едно од нивните патувања во ЕУ во 2014 година. Една четвртина планираат да патуваат во земја што не е во ЕУ (24 отсто), но само 16 проценти ќе одмораат надвор од ЕУ.

Во 2013 година, дури 70 проценти од Европејците патувале за било лични или професионални причини за најмалку една ноќ. Само гледајќи во личното патување во 2013 година, повеќето луѓе заминале на 4 до 13 последователни ноќи (57 отсто). Во голема мера, овој модел ги отсликува плановите за 2014 година. Истиот процент од испитаниците ги споменува природните карактеристики на одредено место како главна причина зошто тие би проектирале да се вратат на истато туристичка дестинација.

Топ 5 дестинации за одмор на ЕУ остануваат непроменети од 2012 година и тоа се: Шпанија (15 отсто од Европејците заминале таму), Франција (11 проценти), Италија (10проценти), Германија (7проценти) и Австрија (6 проценти). Испитаниците во Грција, Хрватска, Италија и Бугарија во најголем дел посочиле дека одморите ги минале во својата земја, додека испитаниците во Луксембург и Белгија во најголем дел патувале во друга земја на ЕУ.

Истражувањето покажало и дека туристите во Европа се чувствуваат безбедно и многу задоволно. Испитаниците изразиле висок степен на задоволство од повеќето аспекти на нивниот празник минат во 2013 година. Мнозинството од испитаниците се задоволни со безбедноста (95 отсто) и квалитетот (95 проценти) од нивното сместување. Повеќето од половината испитаници кои не заминале на одмор во 2013 година велат дека тоа било барем делумно поради финансиски причини, а 44 проценти од нив сметаат дека тоа е главната причина. Само 11 отсто од испитаниците очекуваат да не одат далеку оваа година поради актуелната економска ситуација. Притоа, четири од десет луѓе велат дека нема да ги сменат планови за минување на празниците во 2014 година, додека една третина велат дека ќе ги променат нивните планови, но дека сепак ќе патуваат. Процентот на луѓе кои имаат намера да одат на одмор без да се менува своите планови за економски причини се движи од 75 отсто во Австрија до 10 проценти во Грција.

Според официјалната канцеларија за статистика (Еуростат), туристичкиот сектор имал рекордни бројки во 2013 година. Вкупниот број на ноќевањата во туристичките сместувачки капацитети во сите 28 земји-членки на ЕУ, лани се зголемил за 1,6 проценти во споредба со 2012 година и изнесувал рекордни 2,6 милијарди ноќевања. 

Извор: МИА

14.02.2014 - 14:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа